KSZD

КСЗД со стручно мислење за предлог Законот за административни службеници

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека предлог-Законот за административните службеници содржи дискриминаторски одредби во член 71 кој што ги уредува платите на административните службеници вработени во министерствата и секретаријатите на различен начин, наспрема вработените административни службеници во институциите на јавниот сектор. 

Согласно член 3 од овој предлог-Закон, административен службеник е секое лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следниве институции:

–              органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон и

–              институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.

При анализа на целосниот текст на предложениот предлог – закон, Комисијата посочува дека одредени одредби од законот, доколку се усвојат како такви, би резултирале со нееднаква положба на поголемиот дел административни службеници во однос на останатиот дел на административни службеници.

Со вака предложената одредба, административните службеници вработени во министерствата и секретаријатите би имале значително повисок износ на утврдена основна плата во однос на административните службеници во сите други институции на јавниот сектор, иако го имаат истиот статус на административен службеник, распределени на исто ниво, односно ги исполнуваат истите општи и посебни услови за определеното ниво.

Во таа смисла така определената одредба би довела до директна дискриминација согласно член 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, односно со една група на лица би се постапувало понеповолно во однос на друга група на лица во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа. Следствено, со административните службеници вработени во останатите институции на јавниот сектор би се постапувало понеповолно во однос на административните службеници вработени во министерствата и секретаријатите на исто ниво врз основ на заснован работен однос кај работодавач.

Предлагачот на законот воопшто не се обидел да ја објасни и образложи причината за ваквиот концепт за нееднаков третман при бодирањето на административните службеници од исти нивоа, по основ на институцијата во која го засновале работниот однос, што упатува дека ваквиот критериум не може да се смета за оправдан и објективен. Отсуството на легитимна цел за различното вреднување на трудот ќе резултира со значителни разлики во платите на административните службеници кои работаат на работни места на исто ниво, што е спротивно и на одредбата содржана во членот 7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права.

Согласно горенаведеното, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација укажува дека во предлог-Законот за административни службеници, членот 71 со кој се уредува пресметувањето на основната плата на административните службеници, доколку се усвои во таква форма, ќе создаде услови за нееднаков третман на поголем број административни службеници вработени во институции од јавниот сектор кои ќе бидат ставени во понеповолна состојба во споредба со административните службеници кои се вработени во министерствата и секретаријатите на исто ниво, што претставува директна дискриминација извршена од страна на јавните органи кон оваа група вработени. Овој предлог е спротивен на концептот „еднаква плата за работа од еднаква вредност“, како и на општата забрана за дискриминација утврдена со Уставот, Законот за спречување и заштита од дискриминација и со голем број ратификувани меѓународни инструменти за заштита на човековите права и слободи, кои според член 118 од Уставот, се дел од домашниот правен поредок.

Доколку вака предложениот предлог-закон биде усвоен, институциите од јавниот сектор ќе бидат соочени со намалена мотивација кај нивните вработени што директно би влијаела на ефикасноста и ефективноста во работењето на овие институции. Дополнително, ваквите одредби негативно би влијаеле на мобилноста на вработените во јавниот сектор што би довело до потенцијален недостаток на работна сила во поголемиот дел на институции од јавен сектор.  На долг рок,  постои опасност од креирање на структурна нееднаквост што ќе го оневозможи остварувањето материјалната еднаквост на граѓаните како крајна цел на секое демократско општество.  

Стручното мислење, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го достави до Владата на Република Северна Македонија и до Министерството за информатичко општество и администрација.

Линк до Стручното милење…

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2022/11/Стручно-мислење-по-предлог-закон-за-административни-службеници.pdf

Leave a Reply

Skip to content