Со универзалната порака: ДОСТОИНСТВО, СЛОБОДА И ПРАВДА ЗА СИТЕ, оваа година, по 75-ти пат се одбележува 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.
Со усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното Собрание на Обединетите нации, се поставија основите за градење на поправеден свет, кој се води од принципот дека сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права, a сите права и слободи наведени во оваа Декларација им припаѓаат на сите, без оглед на раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или општествено потекло, сексуална ориентација и родов идентитет.
Фундаменталните постулати на кои се заснова Универзалната декларација за човековите права укажуваат на фактот дека слободите и прaвата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место.
По повод Меѓународниот ден на човековите права, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација повикува на непречено остварување на човековите права и слободи и потсетува дека сите ние треба да ја почитуваме слободата на другиот, ако сакаме и тој да ја почитува нашата. Взаемното почитување е одлика на хуманоста како врвна човечка карактеристика.
КСЗД потсетува и ги охрабрува граѓаните, доколку се почувствуваат дискриминирани и сметаат дека им се нарушени основните права, да се обратат во Комисијата со поднесување претставка. Нашата цел е да се подигне свеста за почитување на човековите права, принципите и дигнитетот на човекот кои му гарантираат сигурен и безбеден живот без насилство, омраза, непочитување и понижување, живот без дискриминација.