Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и оваа година се приклучува кон одбележување на 8-ми Март, Meѓународниот ден на жената, истакнувајќи ја потребата за активна борба против родовата дискриминација и нееднаквост.
КСЗД потсетува дека родовата дискриминација, која продолжува да биде присутна во повеќе области на животот на жените во Република Северна Македонија не е само индивидуален проблем, туку системски предизвик кој бара институционален одговор. Во текот на 2024 година, Комисијата утврди 14 случаи на дискриминација врз жени, најмногу на работното место и во пристапот до вработување. Притоа, жените се дискриминирани и по основи на пол, род, етничка припадност, религија, попреченост, политичко уверување и други аспекти на општествениот статус.
Издвојуваме неколку случаи:
- Дискриминација на работничка поради ин витро оплодување: Работничка која планирала да се подложи на ин витро процедура била отпуштена од работодавачот без почитување на законските процедури. КСЗД препорача работодавачот да ѝ го надомести износот за ин витро процедурата, која жената била приморана да ја покрие од приватни средства.
- Дискриминација врз основа на род и религија или верско уверување: Жена која носела шамија како религиозно обележје била спречена да влезе во ресторан во Скопје. КСЗД утврди дискриминација и препорача ресторанот да ја отстрани ваквата пракса.
- Дискриминација врз основа на род и етничка припадност: Меѓународен Балкански Универзитет извршил дискриминација врз неколку жени Македонки со прекинување на работниот однос без образложение, што довело до исчезнување на вработените жени Македонки во Школата за англиски јазик. КСЗД препорача продолжување на работниот однос и усвојување на политика за еднаквост и недискриминација на работното место.

По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја истакнува потребата од активна борба против сите форми на родова дискриминација и нееднаквост.
Го препознаваме родово заснованото насилство, како најсериозна форма на родова дискриминација и апелираме до жртвите и до здруженијата на граѓани, да поднесат претставки до КСЗД секогаш кога ќе се почувствуваат дискриминирани по било кој основ.
Честит 8-ми Март, Меѓународен ден на жената!