На денешната презентација на „Извештајот за интерсекциска и повеќекратна дискриминација кон жените и девојчињата Ромки во пристапот до правда“, што се одржа во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање, присуствуваа 17 претставници од граѓански организации, државни институции, меѓународни организации и практичари од областа на човековите права.
Извештајот, подготвен од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со поддршка од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, претставува значаен чекор во насока на унапредување на пристапот до правда за една од најмаргинализираните групи во општеството – жените и девојчињата Ромки.

Во фокусот на извештајот се наоѓа сложеноста на дискриминацијата што произлегува од пресекот на повеќе основи на идентитет, меѓу кои се родот, етничката припадност, социјалниот и економскиот статус, образованието и други структурни фактори. Посебно внимание е посветено на системските бариери што ги спречуваат Ромките да остваруваат еднаков пристап до правдата, како и на потребата од институционални и законски реформи.
Клучните наоди и препораки од извештајот имаат за цел да понудат насоки за унапредување на инклузивноста и ефикасноста на правниот систем, преку промени во законодавството, зајакнување на капацитетите на институциите, зголемена чувствителност за интерсекциските аспекти на дискриминацијата и поттикнување на меѓусекторска соработка.

Настанот овозможи конструктивна размена на мислења и отвори можности за понатамошна соработка меѓу сите релевантни чинители. Присутните учесници ја нагласија важноста од континуирано следење, едукација и вклучување на заедниците во процесите на креирање политики и механизми за заштита од дискриминација.
Извештајот произлегува од активностите предвидени во Националниот акциски план за 2022–2024 година и претставува основа за иницирање конкретни чекори кон обезбедување еднаков пристап до правда за сите граѓани, без разлика на нивниот идентитет или општествена положба.
Комисијата ја изразува својата благодарност до сите учесници и потсетува дека ангажманот и соработката на сите засегнати страни остануваат клучни во борбата против сложените и преклопувачки форми на дискриминација.
Скопје, 23.6.2025 година