KSZD

„Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска, 28 февруари, одржа конференција на тема:

„Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“

На конференцијата, свое воведно обраќање имаа претседателот Стево Пендаровски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, народниот правобранител Насер Зибери, претседателот на КСЗД Исмаил Камбери, амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон и извршната директорка на ЦУП Неда Малеска-Сачмароска.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна:„Сите ние се раѓаме слободни и еднакви со вродено човеково достоинство. Водени од принципите на правдата и правичноста да се стремиме да градиме општество во кое и најранливите меѓу нас ќе ги уживаат човековите права и слободи. Да живееме едни со други независно од нашите разлики, во фер општество и фер држава која ќе понуди еднакви можности за исполнет, среќен и достоинствен живот за секој од нас“.

На Конференцијата се презентираа податоци од Извештајот за состојбата со дискриминација во нашата земја и перцепциите на граѓаните од спроведена анкета изработена од Центарот за управување со промени. Од панелистите беа изнесени коментари, излагања и мислења во врска со наодите од спроведеното истражување, а беа дефинирани и клучните предизвици од аспект на граѓанските организации.

Во анкетата што ја спроведе Центарот за управување со промени се покажало дека 45,5 отсто од анкетираните кои искусиле дискриминација, како главен основ за дискриминирање ја идентификуваат политичката припадност. „Етничката или религиозната димензија, која игра голема улога во нашиот политички систем, овој пат не избива во прв план“, рече извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска-Сачмароска. Таа додаде дека чувството на неправда е подеднакво застапено кај сите етнички групи – македонската, албанската и ромската етничка заедница, што упатува на тоа дека постои конкуренција и внатре меѓу самите етнички заедници. „Постои едно раслојување и по партиска и по етничка припадност, каде што политичките партии успеваат да обезбедат работа и вработување, единствено на своите приврзаници и во етнички македонски и етнички албанскиот блок. Ова говори дека администрацијата се смета за политички плен, а политиката е најбрз и најдобар начини да се дојде до работна позиција во општеството и да се обезбеди социјален статус“, посочи Малеска-Сачмароска.

Претседателот на Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Исмаил Камбери рече дека бројот на претставки од минатата година за трипати е зголемен. Тој додаде дека како институција, чија примарна надлежност е борбата против дискриминацијата, односно нејзино спречување и заштита од неа, Комисијата за кратко време се етаблираше во независна, непристрасна, ефикасна и професионална институција.

Камбери информираше дека во текот на изминатата година Комисијата работела неуморно за да се погрижи секој поединец да биде третиран праведно, без разлика на неговата етничка припадност, политичко уверување, пол, сексуална ориентација или која било друга заштитна карактеристика.

– Борбата против нееднаквоста не запира тука. Потребно е уште многу време да ја промениме културата на размислување, во насока на покажување поголема толеранција и разбирање кон различниот од нас. Оптимист сум дека со вакво темпо на работа, на добар пат сме во годините што претстојат да изградиме поеднакво и поправично општество за сите. Затоа, државата треба да обезбеди повеќе финансиски, технички и човечки капацитети што ќе придонесат за понатамошно етаблирање на Комисијата како општествен фактор кој непристрасно се бори против секоја нееднаквост, додаде Камбери.

На крајот од Конференцијата беше донесена заедничка изјава во која се вели:

„Како институции кои работат на спречување и борба против дискриминацијата во Република Северна Македонија, ја препознаваме важноста за соработка во постигнувањето на нашите заеднички цели. Посветени сме да работиме заедно на ефективен и координиран начин за да го подобриме нашето влијание во општеството. Преку заедничка зголемена соработка, имаме за цел подобро да ги разбереме потребите и грижите на граѓаните, особено оние кои се најранливи на дискриминација и да развиеме поефективни политики и иницијативи кои се однесуваат на овие прашања. Се стремиме кон градење поголема доверба во државните институции како значаен фактор за нашиот успех. Целиме кон поинтензивна комуникација и транспарентност со јавноста и придонес од граѓанските организации, експертите и засегнатите страни“.

Потписници на оваа изјава се Министерство за труд и социјална политика, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Центарот за управување со промени, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за фер судење“ и Мрежата за заштита од дискриминација.

Leave a Reply

Skip to content