Комисијата за спречување и заштита од дискриминација имаше чест да биде домаќин на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О`Флаерти, во рамки на неговата официјална посета на земјата. Средбата претставуваше можност за отворен и конструктивен дијалог за состојбата со човековите права, со посебен фокус на положбата на Ромската заедница.

Особено внимание беше посветено на предизвиците со кои се соочуваат Ромките во областа на вработувањето, како и на важноста од поврзувањето на човековите права со правото на здрава животна средина – прашања кои се од суштинско значење за целокупниот развој на општеството.
Комесарот О`Флаерти, изрази искрено признание за работата на КСЗД, посочувајќи дека добива единствено позитивни информации за нејзиниот ангажман и постигнувања. Тој истакна дека ќе се залага за унапредување на поддршката од страна на државата за работата на Комисијата, како и за целосно почитување на меѓународните стандарди за нејзина независност.
Во рамки на дискусијата беа разгледани и механизмите за собирање и анализа на податоци поврзани со дискриминација, како основа за формулирање на ефикасни јавни политики и препораки.
Претседателот на Комисијата, Лимко Бејзароски, ја нагласи посветеноста на КСЗД кон борбата против сите форми на дискриминација, преку континуирана работа во сите општествени сегменти и на сите основи.

Членот на Комисијата, Игор Јадровски, го претстави членството на КСЗД во Еквинет – европската мрежа на тела за еднаквост, како и учеството во повеќе проекти поддржани од Европската Унија. Тој ја истакна и потребата од натамошно продлабочување на институционалната соработка со европските партнери, со цел обезбедување на дополнителна експертиза и поддршка.
На крајот од средбата, Комесарот О`Флаерти, ја изрази подготвеноста да помогне во воспоставување на поинтензивна соработка помеѓу КСЗД и Европската агенција за човекови права, особено во делот на развој на методологија за собирање и обработка на податоци за дискриминација.