Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител во Тетово, одржаа локална работилница и дискусија на тема „Поблиску до граѓан(к)ите: заштита од дискриминација и унапредување на човековите права“.
Активноста беше реализирана со поддршка на проектот „Борба против омраза и нетолеранција“, во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“.

На работилницата учествуваа претставници на Општина Тетово, локалните институции, основните и средните училишта, јавните детски градинки и граѓанските организации. Присуството на претставници од различни сектори овозможи размена на искуства, мислења и предизвици со кои се соочуваат во секојдневната работа при остварувањето и заштитата на човековите права.

Во рамките на работилницата, претставниците на Комисијата ги презентираа основните поими и облици на дискриминација, улогата и надлежностите на Комисијата, како и начинот на постапување по претставки. Преку примери од практиката и интерактивна дискусија, учесниците имаа можност да разговараат за препознавањето на дискриминацијата, можностите за заштита и улогата на институциите во обезбедувањето еднаков третман и пристап до права и услуги за сите граѓани.
Посебен акцент беше ставен на значењето на меѓуинституционалната соработка, навременото препознавање на дискриминацијата и информирањето и упатувањето на граѓаните до соодветните механизми за заштита. Плодната дискусија потврди дека локалните институции, образовните установи и граѓанските организации имаат важна улога во унапредувањето на еднаквоста и заштитата на човековите права.

Ова е втора локална работилница реализирана во текот на 2026 година, како продолжение на активностите започнати во претходната година со поддршка на Советот на Европа. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе продолжи со вакви активности и во 2027 година, со цел зајакнување на информираноста на граѓаните, унапредување на соработката со локалните институции и доближување на механизмите за заштита од дискриминација и човековите права до граѓаните во различни општини низ државата.