KSZD

КСЗД – Обука за средношколци

Во рамки на воспоставената соработка меѓу Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Средното економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков“ – Скопје, беше реализирана обука наменета за учениците, посветена на препознавање, спречување и заштита од дискриминација.

Обуката имаше за цел да ги зајакне знаењата и свеста кај учениците за принципот на еднаквост и недискриминација, да ги запознае со законската рамка и механизмите за заштита од дискриминација, како и да придонесе кон развивање на капацитетите за препознавање на различните форми на дискриминација во секојдневниот живот.

Сесијата беше реализирана од Флора Кадриу, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, и Севги Идриз Муратоглу, раководителка на Одделението за спречување на дискриминација и промоција на принцип на еднаквост. Преку интерактивен пристап и практични примери, учениците беа охрабрени активно да учествуваат и да ги продлабочат своите знаења во оваа област.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе продолжи со спроведување на вакви едукативни активности, со цел унапредување на културата на еднаквост и почитување на човековите права, особено меѓу младите.

Leave a Reply

Skip to content