KSZD

КСЗД сторија – Уште едно полугодие без образовни асистенти за средношколците со попреченост!

Првото полугодие од учебната 2023/2024 година, се ближи кон крајот, а средношколците со попреченост се уште немаат образовни асистенти за да можат непречено да ја следат наставата и да добијат квалитетен пристап до образование. Новиот Закон за средно образование кој долго се најавува од страна на Министерството за образование и наука не е доставен во Собранието, а со него се очекува решение на проблемот со инклузијата на средношколците со попреченост.

Во меѓувреме, учебните години поминуваат, а средношколците со попреченост и нивните родители се оставени да се снаоѓаат самите за да ја следат наставата. Ваквата ситуација ги изложува на дополнителни трошоци родителите на децата со попреченост, иако средното образование во земјата е бесплатно и задолжително за сите.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во мислењето по претставка од родител на средношколец со попреченост, констатираше директна продолжена интерсекциска дискриминација кон ученикот од страна на МОН, како потежок облик на дискриминација. Воедно, Комисијата утврди и индиректна дискриминација на средношколците со попреченост во Законот за средно образование. Имено, законот не предвидува концепт на инклузија, како и на образовна асистенција на учениците со попреченост, со што оневозможува квалитетно образование на еднаква основа со средношколците кои немаат потреба од асистенција или поддршка во образовниот процес.

„Разликата меѓу законите за основно и средно образование во делот на инклузијата на учениците со попреченост е навистина голема. Законот за основно донесен во 2019-та година, има предвидено индивидуализиран образовен план и инклузивни тимови, додека во Законот за средно не е предвидена ниту една мерка за овозможување на квалитетна настава на учениците со попреченост. Потсетуваме дека согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост се предвидува да се преземат сите мерки за отстранување на дискриминацијата, вклучувајќи и измени на законодавството. Комисијата бара од МОН итно да покрене измени на Законот за средно образование во насока на обезбедување еднаков пристап до образование на учениците со попреченост“ – потенцираат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Образовните асистенти за средношколците со попреченост беа една од многуте теми кои членовите на Комисијата имаа можност да ги дискутираат со претставници граѓанските организации и локалните институции во рамки на активноста „Отворени средби“. Активноста се реализираше во девет градови низ земјата со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а со цел запознавање на јавноста со надлежностите и начинот на постапување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Leave a Reply

Skip to content