Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја прими Делегацијата на Комитетот за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа – Мониторинг комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, во рамки на пост-мониторинг дијалогот со Република Северна Македонија.
Во рамки на средбата, беше презентирана работата на Комисијата, со посебен осврт на нејзините законски овластувања, институционалната поставеност и степенот на соработка со Собранието на Република Северна Македонија. Дополнително, се дискутираше и за улогата на КСЗД во процесот на подготовка на законски решенија, како и за прашањата поврзани со буџетската рамка, финансиската независност и кадровската екипираност на Комисијата, кои се клучни предуслови за ефикасно и непристрасно постапување согласно законските надлежности.

Во духот на транспарентност и отвореност, беа споделени податоци за најчестите основи на дискриминација во земјата, како и областите во кои таа најчесто се манифестира. Посебно внимание беше посветено на прашањата поврзани со употребата на балансерот при вработување, како и со примената на Законот за употреба на јазиците.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја поздравува ваквата посета и го реафирмира својот ангажман за унапредување на човековите права, еднаквоста и владеењето на правото, во партнерство со домашни и меѓународни институции.