Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја поздравува одлуката на Собранието на Република Северна Македонија со која едногласно се донесе предлог-законот за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се овозможува платено породилно отсуство за земјоделките.
На прес конференцијата, која неодамна КСЗД ја одржа заедно со Мрежата за заштита од дискриминација беше изнесено предлог решение со кое се бара од Министерството за здравство да донесе измени според кои земјоделките ќе добијат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, каде основицата за пресметка на надоместокот е нето износот на минималната плата. Исто така беше истакнато дека барањето за измени на Законот за здравствено осигурување и предлог законското решение поддржано од 70 здруженија на граѓани е испратено до Министерството за здравство и до пратениците од Собранието на РСМ во декември 2022 г.
Претходно, по поднесена претставка, Комисијата донесе мислење со кое утврди дискриминација при остварување на правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест кај индивидуалните земјоделки и земјоделци и индиректна, продолжена, интерсекциска дискриминација кон индивидуалните земјоделки и земјоделци како здравствени осигуреници, во остварување на правото на платено боледување. Врз основа на утврдената дискриминација, Комисијата му препорача на Министерството за здравство да подготви и предложи измени на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се овозможи, индивидуалните земјоделци да стекнат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, како и право на платен надоместок за време на привремена спреченост од работа поради болест и повреда на еднаква основа со останатите здравствени осигуреници.
Иако Министерството за здравство не постапи по препораките од КСЗД, Собранието на РСМ без ниту еден глас против, го изгласа Предлог законот за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се овозможува платено породилно отсуство за земјоделките.
Комисијата се надева дека редлог- законот успешно ќе ја помине законодавната постапка и земјоделките конечно ќе добијат системско решение за правото на платено породилно остуство.