KSZD

Средба со претставници на Интернационалното училиште Маариф и Амбасадата на Република Турција

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, г. Лимко Бејзароски и генералната секретарка г-ѓа Николина Тошанова, остварија работна средба со директорот на Интернационалното средно училиште „Маариф“ од Скопје, г. Осман Демирѓул, и со аташето за образование при Амбасадата на Република Турција во Република Северна Македонија, г. Алириза Алтунел. Средбата се одржа во просториите на Комисијата.

Главна тема на разговорот беше размената на информации и искуства во областа на заштитата од дискриминација, при што особено внимание беше посветено на положбата и предизвиците со кои се соочува турската етничка заедница во државата. Претседателот Бејзароски ги информираше гостите за досега пријавените случаи на дискриминација кон припадници на оваа заедница, како и за преземените активности и постигнатите позитивни резултати на Комисијата во неколку региони во државата.

Директорот Демирѓул истакна дека Интернационалното училиште „Маариф“ посветува особено внимание на воспитно-образовната компонента поврзана со почитување на различностите. Тој нагласи дека училиштето работи активно на едукација на учениците за меѓусебна толеранција, почит и спречување на говор на омраза, имајќи предвид дека учениците потекнуваат од различни етнички и културни заедници.

На крајот од средбата, во знак на взаемна почит и подготвеност за натамошна соработка, беше договорено организирана посета на ученици од училиштето на Комисијата. Целта на посетата е запознавање на младите со надлежностите, улогата, мисијата и визијата на Комисијата, како и подигнување на нивната свест за важноста на еднаквоста и недискриминацијата во општеството.

Leave a Reply

Skip to content