KSZD

УТВРДЕНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА РОДОВ ИДЕНТИТЕТ ВО ПРИСТАП ДО ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ

Аптеката „Виола“ директно дискриминирала врз основа на родов идентитет во пристапот до здравствени услуги. Подносителката на пријавата А.Ј., трансродова жена, била дискриминирана и ѝ било повредено достоинството од страна на вработена во аптеката, неовзможувајќи ѝ еднаков пристап до здравствени услуги, поради нејзиниот родов идентитет.
 
Вработената во аптеката, барала дополнителни извештаи, покрај рецептот за набавување на лекот, а откако го добила дополнителниот документ, читала приватни и лични информации за здравствената состојба на подносителката во присуство на други лица. На крајот, подносителката на претставката, добила само 3 кутии од бараниот лек, иако имала рецепти за 5 кутии, по што била и избркана од аптеката.
 
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побара писмено мислење од потенцијалниот дискриминатор по наводите во претставката, меѓутоа тоа не пристигна во законски предвидениот рок.
 
Однесувањето на фармацевката е оценето како директна дискриминација дефинирана во чл. 6 и чл. 8, ст. 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Направена е повреда на чл. 2 од Правилникот за поблиските услови за начинот на пропишување и издавање или продавање на лековите, а дополнително, прекршен е Кодексот на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија, а извршена е и повреда на чл. 4 и чл. 9 од Законот за здравствена заштита.
 
КСЗД препорачува на аптеката „Виола“ во иднина да обезбеди непречен и еднаков пристап до добра и услуги на подносителката на претставката, без вознемирување и дискриминација. Воедно, ѝ се препорачува на аптеката „Виола“ во иднина да им обезбеди непречен пристап до добра и услуги на сите трансродови лица. Дополнително му се препорачува на одговорното лице на аптеката да спроведе обука за подигање на свеста и сензибилизација на своите вработени за работа со маргинализирани категории на граѓани, вклучително и со трансродови лица.

Leave a Reply

Skip to content