KSZD

Циклус кампањи на тема сексуално вознемирување на работно место во рамките на проектот „Violet“

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација започнува со спроведување на активностите за подигнување на јавната свест во рамки на проектот „VIOLET – Towards workplaces without sexual harassment and violence / ВИОЛЕТ – Кон работни места без сексуално вознемирување и насилство“, ко-финансиран од Европската Унија преку Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (CERV).

Во рамки на проектот ќе се реализираат две меѓусебно поврзани национални кампањи:

1. „Што е сексуално вознемирување?“

Првата кампања има за цел да ја зголеми јавната свест за тоа што претставува сексуалното вознемирување, да помогне во препознавањето на неговите различни форми и да ја информира јавноста за постојниот систем на правна и институционална заштита. Преку информативни содржини, медиумски настапи и активности на социјалните мрежи, кампањата ќе придонесе за подобро разбирање на сексуалното вознемирување како форма на дискриминација и родово засновано насилство.

2. „Што да направите ако доживеете или сведочите сексуално вознемирување?“

Втората кампања е насочена кон практично информирање на граѓаните за соодветното постапување во случаи кога некој ќе биде жртва или сведок на сексуално вознемирување. Кампањата има за цел да ја поттикне културата на нулта толеранција кон сексуалното вознемирување, да ги охрабри жртвите и сведоците да реагираат и да ги запознае со достапните механизми за пријавување и заштита.

Во текот на кампањите ќе бидат објавувани информативни текстови, видеа, графички материјали и други едукативни содржини преку веб-страницата на Комисијата, социјалните мрежи и националните медиуми.

Со овие активности Комисијата придонесува кон остварување на целите на проектот VIOLET – создавање побезбедни работни средини, зголемување на свеста за сексуалното вознемирување, подобрување на превенцијата и охрабрување на користењето на постојните механизми за заштита.

Ги повикуваме граѓаните, институциите, работодавачите, синдикатите, медиумите и граѓанските организации активно да ги следат активностите од кампањата, со цел заеднички да придонесеме кон создавање работна средина во која достоинството, еднаквоста и безбедноста на секој работник ќе бидат целосно почитувани.

Овој проект е ко-финансиран од Европската Унија. Изнесените ставови и мислења се исклучиво на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската Унија или на Европската Комисија. Ниту Европската Унија ниту Европската Комисија не можат да се сметаат за одговорни за нив.

Leave a Reply

Skip to content