KSZD

ЈАВНА КОНСУЛТАЦИЈА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО ОБЛАСТ РАБОТА И РАБОТНИ ОДНОСИ

Целта на овој повик е да се добијат информации и приберат податоци за искуства и ставови за дискриминаторските практики кои се присутни во нашето општество во областа работни односи на било кој основ на дискриминација, како и за спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) и другите закони кои важат во областа работа и работни односи кои се на сила, а кои ја опфаќаат и заштитата од дискриминација (на пример, Законот за работни односи, Законот за вработување на инвалидни лица, итн).

Овој повик е отворен за сите физички лица и за сите правни лица (особено за граѓански организации, синдикати, професионални здруженија, но и државни институции) кои имаат искуства, сознанија, податоци или публикации од било кој формат (извештаи, документи за јавни политики и слично) во врска со дискриминација во работа и работни односи, а кои би сакале да ги споделат со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). КСЗД е национална институција за човекови права надлежна за спречување и заштита од дискриминација. Таа е самостоен и независен орган кој работи во согласност со надлежностите утврдени со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Особено охрабруваме на овие јавни консултации придонес да дадат жените Ромки, како и правните лица кои работат со Роми (особено со жени Ромки, ЛГБТИК Ром(к)и и Ром(к)и со попреченост), како и жените (цис и транс жените) и правните лица кои работат со родова еднаквост, лицата со попреченост и правните лица кои работат со лица со попреченост (особено жените со попреченост, ЛГБТИК лицата со попреченост, лицата од помалите етнички заедници со попреченост) и/или со ЛГБТИК лицата и правните лица кои работат со ЛГБТИК лица (особено транс лицата, ЛГБТИК лицата Ром(к)и или ЛГБТИК лицата од помалите етнички заедници и ЛГБТИК лицата со попреченост).

Прибраните искуства, сознанија, податоци и публикации ќе бидат искористени од КСЗД за:

  • Изработка на тематски извештај за дискриминацијата во оваа област (чл.21(1-5), ЗСЗД),
  • Упатување на општи препораки (член 28, ЗСЗД),
  • Иницирање измена на прописи заради спроведување и унапредување на заштитата од дискриминација (чл.21 (1-10, ЗСЗД), и
  • Планирање и спроведување на активности за реализација на стратешката цел 4 „Зголемена јавна свест во однос на начините на превенција и заштита од дискриминација“ од Стратешкиот план на КСЗД за периодот 2021-2026.

Сите заинтересирани лица кои сакаат да дадат свој придонес кон јавните консултации треба да го пополнат најдоцна до 31 октомври 2023 година формуларот на следниов линк: https://www.surveymonkey.com/r/DDYWDBX. Формуларот не дозволува зачувување на одговорите и повторно навраќање. За пополнувањето на задолжителните полиња во формуларот ќе ви бидат потребни околу 20 минути. Доколку сакате подетално да ги образложите вашите одговори, би ви советувале да имате издвоено барем 45 минути.

На крајот од формуларот ќе ви биде дадена можност, доколку сакате, да прикачите дополнителни документи. За целта на оваа јавна консултација, како прилог кон вашиот придонес можете да доставите:

  1. Дополнителни материјали: можете да доставите публикации, мислења за случаи на дискриминација во област работни односи кои не се донесени од КСЗД, пресуди за случаи на дискриминација во област работни односи, итн.
  • Дополнителен пишан придонес: со испраќање на дополнителен пишан придонес можете, доколку сакате, дополнително и подетално да ги споделите со КСЗД вашите мислења, заклучоци и/или сознанија до кои сте дошле во врска со присутноста, манифестацијата, одговорот од институциите кон дискриминацијата во областа работа и работни односи, степенот на (не)пријавување на дискриминацијата во оваа област на било кој од основите и причините за непријавување, ставови на општеството во врска со дискриминацијата во областа работа и работни односи општо или во врска со конкретни основи, конкретни предизвици во врска со постапувањето на институциите во случаи на дискриминација во областа работа и работни односи, или било кое друго прашање кое сметате дека е важно во врска со дискриминацијата во областа работа и работни односи.

За дополнителниот пишан придонес нема посебен формулар, но истиот треба да содржи насловна страница на која ќе биде наведено името на лицето кое го поднесува, контакт, датумот на кој е изговено. Подносителките и подносителите треба да водат сметка истиот да не надминува 20 страници (А4 лист, минимален фонт 11, минимален проред 1,5, маргини од 2.54 цм). Доколку материјалот надминува 20 страници, за консултациите ќе бидат земени предвид 20 страници од почетокот на текстот на придонесот (не сметајќи ги насловната страница и содржината). Референците на текстот (фусноти и ендноти) влегуваат во овие 20 страници. Доколку дополнителниот материјал содржи библиографија таа нема да се смета кон овие 20 страници. Доколку дополнителниот материјал содржи прилози (анекси), истите ќе бидат земени предвид само доколку содржат: табели со статистички податоци; графици, инфографици, мапи или други визуелизации на податоци; извадоци од пресуди или други документи кои не сакате или не можете да ги прикачите во целост, или друг тип на необработени податоци.

Формуларот не дозволува зачувување на одговорите и повторно навраќање, поради што кога ќе започнете со одговарање на истиот треба да ги имате подготвено сите дополнителни документи кои сакате да ни ги испратите. Ве молиме не прикачувајте никакви лични фотографии, лични документи (како лична карта, пасош, изводи, итн) или документи кои содржат нередактирани лични податоци (видете го примерот бр.1, подолу, за како да ги редактирате личните податоци). Документи со нередактирани лични податоци нема да бидат земени предвид.

Овој повик е дел од активностите со кои КСЗД придонесува кон спроведувањето на Националниот акциски план за заштита, промоција и исполнување на човековите права на жените и девојчињата Ромки 2022-2024. Стратешката цел на овој план е унапредена интерсекциска правда, односно еднаков и правичен пристап до права, можности, ресурси и моќ во општеството, за жените и девојчињата Ромки. Овој тематски извештај е предвиден како „А.1.1.3. Изработен тематски извештај за сузбивање на интерсекциска дискриминација во вработувањето со фокус на дискриминаторските практики во вработувањето кон Ромките.“ Изработката на истиот е поддржана од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ целосно финансиран од Европската Унија.

ВАЖНА НАПОМЕНА

Придонесите на овие јавни консултации не се и нема да сметаат за поднесена претставка како според член 23 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Лицата кои сакаат да поднесат ваква претставка и да добијат одлука или мислење од КСЗД можат тоа да го направат на следниов начин:


Електронско поднесување на претставка

  1. За да поднесете претставка по електронски пат, пополнете го формуларот во делот „Пријави дискриминација“ на нашата веб страница. 
  2. Претставка по електронски пат може да се поднесе и на email адресата: contact@kszd.mk. За оваа цел може да симнете урнек од нашата веб-страница или да ја составите претставката сами во кој случај таа мора да ги содржи следниве битни елементи: податоци за подносителот, податоци за лицето против кого се поднесува претставката, околностите и фактите врз кои се темели претставката, податоци за правните дејства што претходно ги вложил подносителот, доколку ги има и потпис на подносителот.
  3. Поднесување на претставка по пошта. Пополнетиот урнек испратете го пошта на адреса: Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Даме Груев бр.1 1000 Скопје
  4. Поднесување на претставка лично. Претставка за извршена дискриминација може да поднесете и лично во просториите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кои се наоѓаат на улица Даме Груев бр.1 во Скопје. Во нашите простории ќе ви биде дадена опција да ја поднесете усно, со поддршка од нашите вработени, или пак со пополнување на урнекот.

Затворање на консултацијата: 31 октомври 2023 година

Leave a Reply

Skip to content