KSZD

КОНТРОЛОРИ НА ЈСП ИЗВРШИЛЕ ДИРЕКТНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ СТУДЕНТ И НЕГОВАТА МАЈКА ВРЗ ОСНОВА НА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ И БОЈА НА КОЖА

Одлучувајќи по поднесена претставка од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз С.У. коj бил избркан од автобус на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје врз основа на неговата етничка припадност и боја на кожа.
 
Во претставката доставена до КСЗД се наведува дека во февруари, С.У. бил навредуван, малтретиран и нападнат од страна на контролорите на автобус со број 45 на ЈСП, кој се обраќал од Маџари до Автокоманда. И покрај тоа што С.У. имал годишен билет, тој бил навредува врз основа на етничка припадност и боја на кожа по што бил избркан од автобусот.
 
Барање за изјаснување по наведената претставка во мај беше испратено до Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, но од таму не пристигна повратен одговор до КСЗД.
 
Водејќи се од меѓународните правни акти и Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Меѓународната повелба за граѓански и политички права, како и Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација на ОН, Комисијата утврди директна дискриминација.
 
КСЗД му препорачува на ЈСП во иднина да обезбеди непречен и еднаков пристап до добрата и услугите на сите граѓани на Република Северна Македонија, без разлика на нивната етничка и расна припадност. Исто така, Комисијата препорачува ЈСП Скопје да спроведе обука за подигнување на свеста на своите вработени за работа со маргинализираните групи на граѓани.
⚖ Согласно законските надлежности, Комисијата ќе го следи извршувањето на мислењата и препораките, се до нивното исполнување. Доколку субјектот кон кој е упатена препораката не постапи по истата, Комисијата има законска надлежност да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд.

Leave a Reply

Skip to content