KSZD

КСЗД домаќини на „Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа“

Од денеска до 7. септември 2022 година, во Скопје ќе се одржи „Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа“. Домаќин на конференцијата е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а на неа учество ќе земат претставници на надлежните институции за борба против дискриминацијата и заштитата на човековите права од земјите во регионот. Конференцијата започнува со прием кај претседателот Стево Пендаровски.

На тридневната конференција, своето присуство го потврдија претставници и претставнички на националните тела за еднаквост на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија и Косово, како и голем број претставници на други национални институции, организации, партнери, експерти и експертки кои работат во областа на еднаквоста и недискриминацијата.

„Воспоставување на институција која е двигател на позитивни промени преку промовирање на човековите права и владеењето на правото, е од суштинска важност за нашата демократија. Особено во времиња на криза и нестабилност, клучно е институционално, но и индивидуално да им се спротивставиме на дехуманизацијата на поединци, групи и народи. Само преку заедничката средба и заложба на институциите и индивидуалците, можеме сигурно да чекориме кон воспоставување на еднаквост и елиминирање на секаков вид на дискриминација, а со тоа и кон градење на демократско општество на совесни и одговорни граѓани како и силни, доверливи и стабилни институции“, изјави претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Кире Василев.

Конференцијата е организирана со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и преставува дел од континуираната поддршка што оваа меѓународна организација ја обезбедува на нашата земја, во создавањето на ефективна регулаторна и институционална рамка во полето на толеранцијата, еднаквоста и недискриминацијата.

„Нашата Мисија е посветена на градење општество без пристрасност, стереотипи и дискриминација. Свет кој е разновиден, правичен и инклузивен. Свет каде разликите се вреднуваат и слават, но исто така и свет каде повеќекратните нееднаквости во различни области од општеството се препознаваат и соодветно се решаваат“, изјави шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

„Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа“, започнува со прием за учесниците и учесничките на конференцијата кај претседателот на Република Северна Македонија,  Стево Пендаровски, кој е силен поддржувач на институционалната независност на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на придонесот што институцијата го дава во натамошното унапредување на општеството засновано на владеење на правото, човековите права и почитување на различностите.

„За успешна борба против дискриминацијата, неопходно е да имаме независни тела, кои ќе имаат знаење и капацитет да се справат со обврските, а тоа значи, доследно да се имплементираат законските одредби за заштита на човековите права. Тоа понатаму значи, координирано и навремено реагирање заради превенирање и санкционирање на сите форми на дискриминација. Во оваа прилика, сакам јавно да повторам дека ќе продолжам целосно да ги поддржувам напорите на Комисијата, особено во насока на подигање на јавната свест, информирање и едукација на граѓаните за сите видови на дискриминација со кои тие се соочуваат.“, изјави претседателот Пендаровски.

Leave a Reply

Skip to content