KSZD

КСЗД учествува на регионален настан за борба против расизмот и дискриминацијата во Стразбур

Претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Флора Кадриу и членот на Комисијата, Душан Томшиќ, учествуваат на регионалниот настан „Регионите заедно кон Европа ослободена од дискриминација“ (Regions moving together towards a Europe free from discrimination), кој се одржува на 24 и 25 ноември 2026 година, во седиштето на Советот на Европа во Стразбур, Франција.

Настанот е организиран од Советот на Европа, во рамките на заедничките програми на Европската Унија и Советот на Европа – „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ и „Партнерство за добро владеење“, со цел унапредување на регионалната соработка и јакнење на институционалните механизми за спречување и заштита од дискриминација, расизам и нетолеранција.

Централниот фокус на настанот е освртот на постигнатиот напредок во изминатите четири години, со посебен акцент на тоа како препораките на европските и меѓународните институции се преточуваат во конкретни, поефикасни и унапредени практики за справување со дискриминацијата, расизмот и говорот на омраза.

Настанот обединува претставници на владини институции, полициски служби, национални тела за еднаквост, граѓански организации и меѓународни експерти, создавајќи простор за размена на искуства, утврдување на заедничките предизвици и зајакнување на меѓуинституционалната и регионалната соработка.

Во рамките на дискусиите посебно внимание се посветува на примената на европските стандарди и стратешки рамки за еднаквост и недискриминација, институционалната одговорност, ефективната заштита на лицата изложени на дискриминација, како и интегрирањето на мерките за спречување на расизмот и нетолеранцијата во националните политики и практики, во контекст на процесот на пристапување кон Европската Унија.

Преку своето учество, КСЗД придонесува кон регионалниот дијалог за унапредување на работата на телата за еднаквост, размената на добри практики и јакнењето на институционалните одговори на различните форми на дискриминација. Особено значајно е споделувањето искуства во однос на постапувањето по претставки, утврдувањето и спречувањето на дискриминацијата, следењето на спроведувањето на препораките и иницирањето системски промени во областите во кои се утврдени нееднаквост и повреда на правата.

За КСЗД, ваквите регионални иницијативи се важна можност за унапредување на институционалните капацитети, зајакнување на независната и ефикасна работа на телото за еднаквост и продлабочување на соработката со сродните институции во регионот. Размената на искуства и практични решенија придонесува кон поефикасна заштита на граѓаните, особено на лицата и заедниците кои се изложени на повеќекратни и интерсекциски форми на дискриминација.

Со учеството на овој настан, КСЗД ја потврдува својата активна улога во регионалните процеси за промовирање на еднаквоста и недискриминацијата и својата посветеност на примената на европските стандарди во националниот контекст. Целта е препораките и заложбите за еднаквост да не останат само на ниво на нормативни определби, туку да резултираат со конкретни институционални постапки, поефикасна заштита и реални промени во животот на граѓаните.

Leave a Reply

Skip to content