Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја поздравува пресудата на Основниот граѓански суд со која е утврдено постоење на индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација врз индивидуалните земјоделки во остварувањето на правата од здравственото осигурување, особено правото на надоместок за време на бременост, раѓање и мајчинство, како и правото на надоместок за привремена спреченост за работа поради болест или повреда.
Со пресудата, Судот ги задолжи Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство да иницираат измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување, со цел надминување на постојните законски нееднаквости и обезбедување еднаков пристап до правата за сите осигуреници.
Постапката беше поведена врз основа на тужба за заштита од дискриминација (actio popularis), поднесена од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, преку Адвокатското друштво „Зефиќ Јакимовска и партнери“.
Во текот на постапката, Судот го ценеше и мислењето на Комисијата, со кое беше укажано дека постојната законска рамка создава нееднаков третман кон индивидуалните земјоделки во однос на другите категории осигурени лица. Иако тие се дел од системот на задолжително здравствено осигурување и редовно плаќаат придонеси, во пракса се исклучени од користење на одредени клучни права кои произлегуваат од системот.
Комисијата континуирано укажува дека ваквите законски решенија имаат сериозни последици врз економската и социјалната сигурност на жените од руралните средини, кои често се принудени да работат и за време на бременост, болест или повреда, поради отсуство на соодветна институционална поддршка и финансиска заштита.
Судот правилно препозна дека станува збор за системски проблем кој бара суштински законски измени, а не поединечни или привремени мерки. Комисијата очекува надлежните институции без одлагање да постапат по пресудата и да обезбедат усогласување на законската рамка со принципите на еднаквост, недискриминација и заштита на мајчинството.