KSZD

Претставници на КСЗД на регионална конференција за заштита од дискриминација во Љубљана

Во Љубљана, Република Словенија, се одржа Десеттата регионална конференција на телата за еднаквост од Југоисточна Европа, на тема „Предизвици и перспективи на заштитата од дискриминација во Европа“, организирана од Застапникот на принципот на еднаквост на Република Словенија.

На конференцијата учествуваше членката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација,Флора Кадриу, која се вклучи во втората сесија на тема „Од препораки до влијание: Зајакнување на ефективноста на телата за еднаквост“. Во делегацијата на КСЗД учествуваше и членот Лимко Бејзароски.

Дискусиите на конференцијата беа посветени на предизвиците со кои се соочуваат телата за еднаквост, јакнењето на нивната независност и институционални капацитети, како и унапредувањето на ефективноста на нивното постапување и влијанието на нивните препораки во практиката. Посебно внимание беше посветено на значењето на европските стандарди за функционирањето на телата за еднаквост и на потребата од обезбедување соодветни услови за нивно независно и ефикасно работење.

Во рамките на посетата, претставниците на КСЗД присуствуваа и на приемот што го организираше претседателката на Република Словенија, д-р Наташа Пирц Мусар, која ја истакна важната улога на телата за еднаквост во заштитата на човековите права и во зајакнувањето на демократските вредности.

Претставниците на КСЗД присуствуваа и на примопредавањето на функцијата Застапник на принципот на еднаквост на Република Словенија, при што Миха Лобник ја предаде функцијата на новата застапничка, Барбара Зупанчиќ.

Учеството на КСЗД на ваквите регионални настани придонесува за размена на искуства и добри практики, зајакнување на меѓуинституционалната соработка и унапредување на механизмите за ефективна заштита од дискриминација. Континуираната соработка меѓу телата за еднаквост е од особено значење за справување со заедничките предизвици и за обезбедување еднаков третман и еднакви можности за сите граѓани.

Leave a Reply

Skip to content