KSZD

УТВРДЕНА ДИРЕКТНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА ОБРАЗОВАНИЕ ОД СТРАНА НА ОСНОВЕН КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз основа на образование, извршена од страна на Основниот кривичен суд Скопје во областа работа и работни односи.
 
Во поднесената претставка против Основниот кривичен суд Скопје за извршена директна дискриминација врз основа на нееднаков пристап до права од работен однос и образовен статус, подносителката М.Б. наведува дека иако во текот на работниот однос се стекнала со повисок степен на стручна подготовка, Судот како работодавач не ѝ признал доволно бодови за плата согласно степенот на образование врз основа на член 67 став 2 од Законот за судска служба.
 
Таа, незадоволна од решението и доделените бодови, поднела жалба до Советот на судска служба како надлежен орган за остварување и заштита на правата на судската служба и за одлучување во втор степен по жалби и приговори на одлуки донесени од судските органи. Во жалбата, подносителката на претставката навела докази и примери, од кои јасно се гледа дека други судови им признале бодови за образование стекнато во текот на работниот однос на нивни вработени.
 
КСЗД разгледувајќи ги доказите утврди дека тврдењето на подносителката на претставката е веројатно, поради што побара изјаснување од Основниот кривичен суд Скопје. Од Судот ја бранат нивната одлука повикувајќи се на членот 65 став 1 од Законот за судска служба каде се утврдува дека вработениот во судската служба има право на плата и надоместоци на плата кои одговараат на неговото работно место според услови и критериуми утврдени со ЗСС и/или колективен договор. Во прилог на своето тврдење, тие го напоменуваат и ставот 1 од членот 67 од ЗСС, во кој стои дека при утврдувањето на основната плата на судскиот службеник се вреднува соодветниот степен на образование утврден со актот за систематизација на работните места, за работното место на кое е распореден службеникот, како и неговото работно искуство.
 
Разгледувајќи ги сите наводи и документи во претставката и одговорот од Судот, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе мислење дека е извршена директна дискриминација врз М.Б. по основ на образовен статус и со тоа таа била ставена во нерамноправна положба во однос на другите судски службеници кои работат во останатите судови.
 
КСЗД го задолжува претседателот на Основниот кривичен суд Скопје да ја отстрани повредата на правото на еднаквост на начин што ќе издаде ново решение со кое ќе ѝ се утврдат потребните бодови за вреднување на соодветниот степен на образование, од денот кога службеничката побарала да ѝ се признаат бодовите за соодветен степен на образование. Доколку во 30 дена од приемот на мислењето на КСЗД, Судот не постапи по оваа препорака, Комисијата поднесува барање за покренување прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.
 
Исто така, се задолжува и Советот на судска служба да го преиначи своето решение со кое ги отфрлил жалбата на службеничката и дополнение на жалбата, а го потврдил решението на претседателот на Основниот суд Скопје 1, со што не ѝ било овозможено правото на еднаквост во поглед на вреднување на повисокиот степен на образование стекнат во текот на работниот однос на службеничката. Советот на судска служба се задолжува на своите членови да им обезбеди соодветна обука и едукација во поглед промоција на еднаквоста, превенција и заштита од дискриминација, во соработка со невладините и граѓанските организации кои работат на ова поле во рок од 30 дена од донесувањето на ова Мислење.

Leave a Reply

Skip to content