KSZD

ГРАДСКИОТ БАЗЕН „МАРКОВИ КУЛИ“ ВО ПРИЛЕП ДИСКРИМИНИРАЛ И ОГРАНИЧУВАЛ ПРИСТАП ДО ЈАВНИ ДОБРА И УСЛУГИ

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна интерсекциска дискриминација против Градскиот базен „Маркови Кули“ Прилеп кој дискриминирал група Роми врз основа на раса, боја на кожа, социјално потекло, етничка припадност и припадност на маргинализирана група со тоа што не им дозволил влез и користење на услугите.

Претставката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја поднесе Здружението за права едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп, во која се тврди дека вработените во базенот ги враќале граѓаните Роми и не ги пуштале внатре, додека граѓани од други етнички заедници без проблем влегувале во базенот.

Откако група Роми кои не биле пуштени, решиле да протестираат и се побунат против ваквата дискриминирачка пракса, кај влезот на базенот дошол и сопственикот, кој на присутните им се заканил дека со вакво постапување нема да пушта Роми ниту во другите негови објекти.

Комисијата се обрати до раководството на Градскиот базен „Маркови Кули“ Прилеп за да се произнесат по тврдењето во претставката, меѓутоа во законскиот рок од 15 дена тие не одговорија.

Разгледувајќи ги доказите поднесени со претставката, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација заклучи дека сопственикот на базенот го ограничува пристапот до јавни добра и услуги на граѓани од ромска етничка припадност врз основа на боја на кожа, расна и етничка припадност.

Комисијата му препорачува на одговорното лице на Градскиот базен „Маркови Кули“ да ја отстрани дискриминацијата на начин што ќе упати јавно извинување во форма на соопштение до ромската етничка заедница за сторената дискриминација во најмалку два медиума и на нивниот јавен профил на социјалната мрежа „Фејсбук“. Сторителот е должен да постапи по препораката во рок од 30 дена од денот на приемот и за истото е должен да ја извести Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Доколку сторителот не постапи по препораката, Комисијата има право да покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци. Препораката е во насока на сензибилизирање на овластеното лице на Градскиот базен „Маркови кули“ со групата граѓани од ромската етничка заедница за во иднина пристапот до јавни добра и услуги да биде еднакво овозможен на сите граѓани.

Leave a Reply

Skip to content