KSZD

ДИК ГИ ДИСКРИМИНРАЛА ЛИЦАТА КОИ СТЕКНАЛЕ ПРАВО НА ГЛАС МЕЃУ ДВАТА ИЗБОРНИ КРУГА НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

Државната изборна комисија директно ги дискриминирала лицата кои наполниле 18 години меѓу двата изборни круга на претседателските избори во 2019 врз основа на возраст. Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација исто така утврди и индиректна дискриминација во истиот случај, предизвикана кон лицата кои наполниле 18 години меѓу двата изборни круга, а не биле запишани во Избирачкиот список.
 
Претставката против ДИК ја поднесе Институтот за правни и политички истражување во јули 2019 година, а во неа се наведува дека лицата кои наполниле 18 години меѓу двата изборни круга на претседателските избори во 2019 година биле дискриминирани врз основа на возраст и им било оневозможено да го остварат своето, со Устав загарантирано, избирачко право.
 
КСЗД се обрати до ДИК за изјаснување по оваа претставка, а од таму одговорија дека овие лица не биле вклучени во избирачкиот список поради фактот дека Избирачкиот список бил затворен за првиот изборен круг и не можел да се менува до завршување на изборите. Како аргумент за ова тврдење го користат фактот што промената на вкупниот број избирачи помеѓу двата круга би го нарушил потребниот цензус што е неопходен за одредени избори да бидат успешни.
 
По разгледување на сите аргументи, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација заклучи дека ДИК извршила директна дискриминација по основ на возраст на поголема група граѓани кои наполниле 18-годишна возраст меѓу двата изборни круга на претседателските избори во 2019, со што им го одзела уставното право да гласаат на избори и го нарушила принципот на еднаков третман при остварување на избирачкото право, загарантирано со Устав и закон.
 
Дополнително со тоа што не обезбедиле заштита и гаранција на уставното избирачко право на сите граѓани со деловна способност кои навршиле 18-годишна возраст, придонеле да се изврши индиректна дискриминација кон 1218 лица, државјани на Република Северна Македонија, кои станале полнолетни во периодот 21.04.2019-05.05-2019.
 
КСЗД ја задолжува ДИК во иднина да превенира секаков можен нееднаков третман, односно дискриминација на лицата кои полнат 18 години по денот на првиот круг на претседателски или локални избори, или по изборниот ден на парламентарни избори во кои се прегласува на одредени избирачки места и да им овозможи остварување на нивното избирачко право.

Leave a Reply

Skip to content