KSZD

Судови, општини, министерства и други институции сè уште непристапни за лица со попреченост

Лицата со попреченост во нашата држава честопати не можат да ги остварат своите граѓански права, затоа што голем дел од зградите на институциите немаат соодветна пристапност. Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потсетуваат дека веќе имаат постапувано за да се спречи дискриминацијата кон лицата со попреченост, нагласувајќи дека се подготвени да делуваат и во сите останати случаи, со цел да се заштитат правата на овие лица. Непристапни се голем број институции ширум земјата, како што впрочем е и Судот во Крива Паланка, каде што се одржа една од дискусиите во рамки на отворените средби со граѓаните што ги остварува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Пристапна патека имаме само до првиот кат, но не и кон другите катови од зградата. Тоа е директна дискриминација на лицата со попреченост кои не знаат каде да се обратат, бидејќи не можат да дојдат до местата и канцелариите каде што треба да го сторат тоа“, рече Валентина Николовска од Основниот суд во Крива Паланка, која учествуваше на отворената средба со граѓаните во овој град. „Трета година по ред бараме од државата пари за да се најде ефикасно решение за овој проблем, бидејќи лицата со попреченост не можат да влезат на судење, односно можат да стигнат само до влезниот ходник на зградата. За жал, никој досега не покажува волја за решавање на овој проблем“, додаде таа. Секретарот на Општина Крива Паланка, Мартин Николовски, кој исто така учествуваше на средбата, додаде дека ако граѓанин или граѓанка поднесе тужба против општината поради тоа што нема пристапни рампи, судот ќе донесе одлука во која ќе утврди дискриминација, а всушност граѓанинот или граѓанката ќе биде индиректно дискриминиран и во самиот суд, бидејќи и таму нема пристапни рампи.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потсетија дека, по службена должност, веќе имаат постапувано во однос на остварување на правото на глас на лицата со попреченост, како и тоа дека Комисијата и понатаму ќе делува, давајќи им препораки и насоки на институциите како да ги отстранат пречките за пристапност за лицата со попреченост.

„Во ваквите случаи, како овој во Судот во Крива Паланка, ние како Комисија можеме да утврдиме индиректна дискриминација, но сепак понатаму институциите мора да креираат стратегија и да изнајдат ефикасни решенија за нејзино отстранување“, истакна членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Ирфан Деари.

Тој потсети на постапката против Државната изборна комисија и Министерството за правда во која беше констатирана дискриминација кон лицата со попреченост за време на избори. Имено, во 2022 година, Граѓанскиот суд во Скопје донесе првостепена пресуда, по тужба од јавен интерес, во која се утврдува дискриминација кон лицата со попреченост во пристап до и во избирачките места. Ова е првата судска постапка во која Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го употреби институтот „пријател на судот” (amicus curiae) и даде свој придонес во постапката. Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија да преземат мерки за нејзино отстранување, со тоа што на лицата со попреченост ќе им обезбедат соодветна пристапност до и во избирачките места.

Од Комисијата потенцираа дека е исклучително важно институциите брзо и ефикасно да постапуваат по нивните препораки и да ги елиминираат причините кои доведуваат до дискриминација на граѓаните. Истовремено ги охрабруваат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи во кои тие сметаат дека се дискриминирани.

КСЗД досега одржа три отворени средби, во Крива Паланка, Гостивар и Гевгелија, каде што се дискутираше за механизмите и начинот на постапување на Комисијата. При тоа беше истакнато дека најголем предизвик со кој се сочува ова тело е недовербата на јавноста во институциите, како и непрепознавањето на различните облици на дискриминација. Со ова тврдење се согласија и дел од претставниците на институциите на локално ниво и граѓанските организации кои присуствуваа на средбите организирани од КСЗД. Во своите дискусии тие честопати истакнуваат дека стравот од последици и тешкото докажување се исто така пречка за граѓаните да одлучат да пријавуваат дискриминација. Сепак, тие се охрабрени од начинот на кој пристапува Комисијата, односно од фактот дека досега на сите претставки е одговорено и постапено, што пак претставува силен поттик за граѓаните и граѓанките да продолжат да пријавуваат дискриминација, зголемувајќи ги на тој начин можностите таа брзо да се открие и спречи.

Еден од заклучоците на дискусиите е дека недостига координација помеѓу институциите, како и дека се неопходни повеќе обуки за комуникација со лицата со попреченост, но и зголемување на финансиските ресурси за отстранување на продолжената дискриминација кон нив.

Отворените средби ќе продолжат и во наредниот период во општините низ земјата, во насока на остварување на напорите на Комисија за висока транспарентност и подигнување на свеста за дискриминација кај граѓаните и граѓанките. Овие средби се и можност да се изнајдат соодветни законски механизми за континуирана комуникација и соработка со институциите на локално ниво.

Во првата година од мандатот до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беа доставени 90 претставки, додека во 2022 година, доставени се 248 претставки, од кои во повеќе од 70 е утврдена дискриминација и е постапено по нејзините препораки.

Leave a Reply

Skip to content