KSZD

Донесена општа препорака за десегрегација на децата Роми при упис во училиштата

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД),  постапи по претставка поднесена од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) од Брисел, а која се однесува на сегрегација по основ на етничка припадност и донесе општа препорака, која се однесува на локалните власти, директорите на училиштата, Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат.

Во претставката се наведува дека станува збор за долготрајна и свесно планирана дискриминација врз дел од родителите и учениците од ромска етничка припадност во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, при нивниот упис во учебна година, при што во предметното училиште, учениците се распоредуваат во „етнички чисти паралелки“.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и пред доставување на претставката, по допрен глас, оствари средба со Директорот на ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, при што се констатираше дека не станува збор за сегрегација извршена од страна на директорот на ООУ „Гоце Делчев“ – Штип, туку за системски проблем кој предизвикува сегрегација во училиштата во целата земја. Сегрегацијата на учениците индиректно настанува од Законот за Основното образование кое овозможува родителите да ги запишуваат своите деца во, но и надвор од реонот каде што живеат.

Групирањето на учениците по етничка припадност во различни училишта ширум земјата, укажува на фактот дека не станува збор за индивидуални случаи кај родителите, туку свесно одделување на своите деца од деца кои се од ромска етничка припадност. Ваквиот контекст може да остави далекусежни последици, не само врз децата од ромска етничка припадност туку и на сите останати. Немањето можност и прилика, деца со различни културни и етнички позадини да се интегрираат и да учат еден за друг, може да доведе до нетрпеливост и дискриминација од една кон друга група.

Врз основа на фактичката состојба, КСЗД ја донесе општата препорака со која, на надлежните органи на локалната самоуправа им се препорачува да преземат активности за доследно почитување на актите за реонизација во нивните општини со цел – десегрегација на децата Роми. Зголемување на педагошките асистенти во училиштата кои ќе работат на поголема социјализација и почит помеѓу децата, поголема соработка помеѓу општинските власти и граѓанските организации во однос на сензибилизација на не-ромските родители и наоѓање начини за поинтензивно учење на македонскиот јазик кај ромските деца. Директорите на училиштата кои вршат упис на деца кое не спаѓаат во нивниот реон, да ја користат можноста да не потпишуваат согласност за преземање на дете кое живее надвор од реонот, а дополнително, за да се избегне човечкиот фактор на индивидуално одлучување, Министерството за образование и наука да определи построги критериуми за упис на деца во друг реон, со што ќе се дојде до намалување на сегрегацијата. На Државниот просветен инспекторат му се препорачува да врши контрола над процесот на запишување на учениците во образовните установи и начинот на опфат на учениците согласно реонизацијата на основните училишта основани од општините и Град Скопје.

Leave a Reply

Skip to content