KSZD

КСЗД и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги потпишаа меморандум за соработка

Скопје, 24 август 2023 –Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Исмаил Камбери и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги д-р Зоран Трајчевски, потпишаа Меморандум за соработка чија цел е да се продлабочи кооперацијата, особено во  спречувањето дискриминација во програмите на давателите на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на платформите за споделување видеа.

Соработката ќе се реализира при конкретни случаи на поттикнување или ширење дискриминација, нетрпеливост или омраза во програмите при кои, за поголема ефикасност, Агенцијата ќе постапува кон давателите на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и кон платформите за споделување видеа, а Комисијата кон медиумските работници.

Посебно внимание ќе биде посветено на промовирање на слободата на изразување, унапредување на еднаквоста и превенција од дискриминација, заштита на интересите на корисниците на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поттикнување на медиумската писменост, организирање работилници, семинари, кампањи од јавен интерес и сл. како и поттикнување на културата на јавен дијалог меѓу граѓаните, со цел зацврстување на заемното разбирање и толеранција за унапредување на односите меѓу различните заедници.

Двете страни се согласни дека меѓусебната соработка и активностите кои ќе следат ќе придонесат за поголемо почитување на одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на давателите на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, медиумските работници и платформите за споделување видеа.

Leave a Reply

Skip to content