Претседателката и заменик-претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Флора Кадриу и Наташа Амдију, учествуваа на годишната конференција на Повереникот за заштита на еднаквоста на Република Србија, која се одржа на 18 ноември 2026 година, во Белград, традиционално, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата и одбележувањето на 10-годишнината од формирањето на Регионалната мрежа на тела за еднаквост во Југоисточна Европа.

Конференцијата, под наслов „From Rights to Justice: Free Legal Aid in the Service of Equality“ (Од правата до правдата: Бесплатната правна помош во функција на еднаквоста), беше посветена на значењето на бесплатната правна помош како важен инструмент за обезбедување ефективен пристап до правда и остварување на правата на граѓаните, особено на лицата и групите кои се соочуваат со ризик од дискриминација и различни форми на социјална исклученост.
Во фокусот на ваквите дискусии е потребата од надминување на правните, институционалните и финансиските бариери кои можат да го попречат пристапот до заштита на правата. Бесплатната правна помош има особено значајна улога во овозможувањето граѓаните да ги препознаат повредите на своите права, да добијат соодветна правна поддршка и да пристапат до расположливите механизми за заштита. Притоа, еднаквоста не подразбира само формално признавање на правата, туку и создавање реални услови за нивно еднакво и ефективно остварување.

Во рамки на настанот се одржа и состанок на Регионалната мрежа на тела за еднаквост, кој претставуваше можност за размена на искуства, институционални практики и согледувања за предизвиците со кои се соочуваат националните тела во унапредувањето на еднаквоста и заштитата од дискриминација.
Посебен акцент беше ставен на значењето на регионалното поврзување, меѓусебната поддршка и континуираната соработка во насока на зајакнување на капацитетите и ефикасноста на институционалните механизми за заштита на човековите права.

Учеството на КСЗД на ваквите регионални иницијативи претставува важен придонес кон споделувањето на знаења и добри практики, јакнењето на институционалната соработка и унапредувањето на пристапите за заштита од дискриминација.
Комисијата останува посветена на развивање и унапредување на механизмите за заштита на еднаквоста, со цел секој граѓанин, без исклучок, да има еднакви можности за остварување и заштита на своите права.