Денеска, во Скопје, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација организираше работилница за судии и правни практичари на тема „Сексуално вознемирување на работното место – применливост на правната рамка и ефективност на заштитните механизми“, како дел од активностите на проектот VIOLET, кофинансиран од програмата „Граѓани, Еднаквост, Права и Вредности“ на Европската Унија.
Настанот го отворија Горан Нешевски, Раководител во Одделението за заштита на КСЗД и Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и проектен координатор на VIOLET, Душан Томшиќ, кои се осврнаа на значењето на проектот и неговите цели за унапредување на превенцијата и заштитата од сексуално вознемирување на работното место. Во воведот беше истакнато дека во Северна Македонија посебен фокус е ставен на областа на образованието, каде во рамките на проектот се предвидени национално истражување, правна анализа, активности за јакнење на капацитетите на релевантните чинители и кампањи за подигање на јавната свест.
Во рамките на работилницата, проф. д-р Александар Ристовски, правен експерт во истражувачкиот тим на проектот и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, ја презентираше правната анализа за превенција и заштита од сексуално вознемирување на работното место.
Преку неколку тематски сесии беа разгледани клучни прашања поврзани со концептот и дефинициите на сексуалното вознемирување на работното место, опсегот на правната заштита, правата и обврските во однос на превенцијата и спречувањето, како и примената на правните лекови и санкциите.
Особено значаен дел од работилницата беше дискусијата со учесниците, која овозможи размена на практични искуства и ставови за предизвиците во примената на постојната правна рамка и ефективноста на механизмите за заштита. Дискусијата придонесе и кон идентификување на прашања кои треба да бидат земени предвид при формулирањето на препораките и идните чекори во рамките на проектот. Завршната сесија беше посветена токму на резимирање на дискусијата, препораките и идните активности.
Проектот VIOLET има за цел да придонесе кон подобро препознавање, превенција и поефикасна заштита од сексуалното вознемирување на работното место, преку истражување, анализа на правната и институционалната рамка, јакнење на капацитетите на релевантните чинители и подигање на јавната свест.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како партнер во проектот, продолжува со активности насочени кон создавање работни средини во кои достоинството, еднаквоста и заштитата од дискриминација ќе бидат гарантирани за сите

