KSZD

КСЗД утврди вознемирување врз вработен во Министерството за одбрана од страна на непосредно претпоставените лица во хиерахиска поставеност

Вработен во Министерството за одбрана бил вознемируван врз основа на лично својство и општествен статус во областа на работа и работни односи од страна на непосредно претпоставени лица во хиерархиска поставеност во Министерството за одбрана и тоа: Радмила Шеќеринска – министерка во Министерството за одбрана, државниот секретар во Министерството за одбрана и раководителка на сектор за логистика во Министерството за одбрана.

Вознемирувањето врз подносителот на претставката започнало во август 2017 година, со неговата смена од раководител на одделение за контрола на квалитет во Сектор за логистика, спротивно на член 87 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Тој бил преместен во несоодветно работно – формациско место – Офицер за операции во 4. тим во Оперативен центар за команда за операции „А“. За местото на кое е преместен, пропишана е друга воено-евиденциска специјалност, друг образовен профил и други стручни квалификации, различни од тие кои ги имал подносителот на претставката.

Неправилности во донесената наредба и преместувањето увидел и Државниот инспекторат за труд, кој констатирал дека работодавачот не постапил согласно членот 13 од Правилникот за воено-евиденциски специјалности во Армијата на РСМ „Д“. Инспекторатот исто така констатира и прекршување на членот 14 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, како и дека работодавачот не постапил согласно членот 79 од Законот за служба во Армијата на РСМ.

Вознемирувањето продолжило со укинувањето на работното место на кое што подносителот на претставката требало да се врати согласно Наредбата на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, извршено преку измена на Правилникот за систематизација на работни места.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со оглед на констатираните неправилности, утврди дека во континуитет е извршено вознемирување кон подносителот на претставката врз основа на лично својство и општествен статус во областа на работа и работни односи од страна на раководните лица во Министерството за одбрана.

КСЗД препорачува на раководните лица во министерството да ги почитуваат одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој вознемирувањето на работното место се третира како форма на дискриминација.

Исто така, се задолжуваат претпоставените лица во хиерархиската поставеност на Министерството за одбрана кои директно или индиректно го извршиле вознемирувањето да му обезбедат нормални  и пристојни услови за работа на подносителот на претставката, согласно законските прописи, да го распоредат на соодветно работно место согласно неговата стручна подготовка и според неговата воено-евиденциска специјалност, согласно Законот за служба во Армијата на РСМ.

Целосното мислење со кое се утврдува вознемирувањето е достапно на: Претставка бр. 0801-37 од 01.12.21

Leave a Reply

Skip to content