По покренатата постапка од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), а во поглед на објавата во медиумите дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) на нивната веб страница јавно ќе ги објавува имињата, презимињата и адресите на новозаразените со КОВИД19, денес беше одржана средба меѓу двете институции.
На средбата претставниците на ДСЗИ посочија дека системот за процесирање и достава на решенијата за изолација е обемен и застарен, а тоа создава многу проблеми во пракса. Ситуацијата станала дополнително комплицирана со новиот зголемен бран на новозаразени и скратувањето на роковите за изолација.
Претставниците на ДСЗИ посочија дека веќе се разгледани најголемиот број на опции за поефикасно доставување на решенијата и дека во соработка со ИТ компанија дискутиран е нов електронски систем на доставување на решенијата за изолација.
При креирањето на овој систем претставниците на ДСЗИ посочија дека ги консултирале професори од Правниот факултет и стручни лица од Агенцијата за заштита на лични податоци што значи дека системот ќе ги земе предвид позитивните законски прописи за заштита на личните податоци.
На крајот на средбата двете институции заклучија дека ќе бидат во постојана комуникација со цел спречување на евентуална дискриминација со примена на овој начин на објава и достава на решенијата за изолација. КСЗД ќе биде во тек и ќе ги следи наредните чекори во насока на решавање на овој проблем и доколку предложениот концепт нема да содржи елементи на дискриминација, истиот ќе го поддржи.