KSZD

Објавено Мислењето донесено по поднесена претставка против Здружението „Иван Михајлов – Битола“

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на прес–конференција ги објави Мислењето и Препораките по однос на претставката поднесена од „Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941 – 1945 година и граѓаните продолжувачи – Општински одбор – Битола“, против Здружението „Културен центар Иван Михајлов – Битола“, за извршена дискриминација по основ на национална и етничка припадност во областа на делување во здруженија, фондации или други организации засновани на членство кон членовите, семејствата, поддржувачите и почитувачите на Сојузот на борци од НОБ и антифашистичката војна 1941 – 1945, кон македонскиот народ и припадниците на сите етнички заедници во македонското општество во Република Северна Македонија.

М И С Л Е Њ Е

Се утврдува продолжено и повеќекратно вознемирување како потежок вид на дискриминација врз основ на национална и етничка припадност, друго уверување и личен и општествен статус во областа на  дејствување во здруженија, фондации или други организации засновани на членство, извршена од страна на Здружението Културен центар Иван Михајлов Битола кон членовите, семејствата, поддржувачите и почитувачите на Сојузот на борци од НОБ и антифашистичката војна 1941 – 1945, кон македонскиот народ и припадниците на сите етнички заедници во македонското општество.

Се утврдува продолжено и повеќекратно повикување, поттикнување и инструкција за вознемирување како потежок вид дискриминација врз основ на национална и етничка припадност, друго уверување и личен и општествен статус во областа на медиумите и јавното информирање, извршена од страна на Здружението Културен центар Иван Михајлов Битола кон членовите, семејствата, поддржувачите и почитувачите на Сојузот на борци од НОБ и антифашистичката војна 1941 – 1945, кон припадниците на македонскиот народ и сите етнички заедници во македонското општество.

Се утврдува индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности со кои му овозможиле на Здружението Културен центар Иван Михајлов Битола да врши дејствија забранети со Член 5 и Член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација што резултирало со горенаведените видови дискриминација.

П Р Е П О Р А К И

Се препорачува Здружението Културен центар Иван Михајлов Битола да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата кои  предизвикуваат вознемирување согласно образложението на ова Мислење во рок од 45 дена од приемот на ова мислење и за тоа писмено да ја извести Комисијата.

Се препорачува Здружението да ги отстрани сите спорни содржини на својата страница на социјалната мрежа „Фејсбук“ кои предизвикуваат вознемирување и давање на инструкции за вознемирување согласно образложението на ова Мислење во најкраток можен рок, но не подолг од 30 дена од приемот на ова Мислење и за тоа писмено да ја известат Комисијата. Дополнително, Комисијата му препорачува на здружението во иднина да се воздржи од креирање и ширење на содржини кои можат да предизвикаат вознемирувачко чувство согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Се препорачува  Министерството за правда да изврши надзор на законитоста на примената на одредбите од Законот за здруженија и фондации согласно член 58 од Законот за здруженија и фондации, особено во делот на актите на Здружението во врска со членот 4 од истиот, притоа земајќи го во предвид Член 20 од Уставот на Република Северна Македонија во рок од 45 дена од приемот на ова Мислење и за тоа писмено да ја известат Комисијата.

Согласно член 21 став 1 точка 17 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата го следи извршувањето на мислењата и препораките за конкретни случаи на дискриминација.

Мислењето можете да го прочитате на следнив линк:

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2022/10/0802-368_20_%D0%9C%D0%B8%D1%81%D0%BB%D0%B5%D1%9A%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D1%83%D1%82%D0%B2%D1%80%D0%B4%D1%83%D0%B2%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D0%BB%D0%B6%D0%B5%D0%BD%D0%BE-%D0%B8-%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%B5%D1%9C%D0%B5%D0%BA%D1%80%D0%B0%D1%82%D0%BD%D0%BE-%D0%B2%D0%BE%D0%B7%D0%BD%D0%B5%D0%BC%D0%B8%D1%80%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%B6%D0%BE%D0%BA-%D0%B2%D0%B8%D0%B4-%D0%BD%D0%B0-%D0%B4%D0%B8%D1%81%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf

Leave a Reply

Skip to content