KSZD

Општа препорака за унапредување на правата на осудените лица од женски пол

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во согласност со законските  надлежности, а со цел унапредување на правата на осудените лица од женски пол, донесе Oпшта препорака со која, се препорачува Управата за извршување на санкции, во соработка со другите релевантни органи, а во насока на обезбедување на еднакво остварување на правото на прогресирање во установите на казнениот систем на сите осудени лица без разлика на нивниот пол, да подготват Акциски план со активности и извори на буџетирање за адаптирање, реконструкција или конструкција на установи од полуотворен и отворен вид за жени осуденички. Оваа потреба е нужно предизвикана од фактот што жените осудени на казна затвор од целата територија на државата се упатуваат на издржување на казната затвор во КПУ Идризово, како единствената казнено-поправна установа во државата каде постои посебно одделение за жени.

Земајќи ја предвид важечката регулатива, односно фактот што жените својата казна затвор можат да ја издржуваат единствено во КПУ Идризово, установа која е од затворен вид, се доаѓа до заклучокот дека женските осудени лица се ставени во понеповолна положба во однос на машките осудени лица. Истото беше утврдено со Мислење бр. 69/7 од 20.3.2023 година на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Мерките и дејствијата предвидени со оваа општа препорака треба да обезбедат жените, упатени на издржување затворска казна, да можат, на еднаква основа како и мажите, да прогресираат во казнено-поправните установи со издржан дел од казната затвор, согласно член 220 од Законот за извршување на санкции и соодветните одредби од Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установа од определен вид или во соодветно одделение на установа од општ вид. Имено, моментално Правилникот, иако претставува неутрален пропис, воопшто не се применува на жените кои издржуваат казна затвор од причина што во земјата не постојат установи од полуотворен и отворен вид наменети за жени осуденички каде тие би можеле да бидат упатени на издржување на казната затвор, или во кои подоцна би можеле да прогресираат, како што постојат за мажите. Односно, кога станува збор за прогресирање во друга, полиберална установа, истото е оневозможено за жените од причина што друга установа за издржување казна затвор за жени во државата не постои.

Согласно член 21 став 1 точка 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата има надлежност да го следи спроведувањето на општите препораки што ги упатува по сопствена иницијатива.

Донесената Општа препорака, можете да ја видите на следниов линк:

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2023/03/Општа-препорака-Управа-за-извршување-на-санкции-и-други-релевантни-органи.pdf

Leave a Reply

Skip to content