Општина Ѓорче Петров не извршила сегрегација врз основа на етничка припадност врз жителите од улица Антон Кецкаров од ромска етничка припадност во населбата Даме Груев. Ова е исходот од првата постапка започната од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по службена должност за сторена сегрегација врз основа на етничка припадност.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја започна постапката по допрен глас откако забележа реакции од повеќе здруженија на граѓани за започнати градежни работи и веројатна изградба на триметарски ѕид на ул. Антон Кецкаров, населба Даме Груев, место во кое живее претежно ромско население. Комисијата беше информирана дека ваквата информација предизвикала реакции помеѓу локалното население од населбата Даме Груев.
Реакциите на здруженијата на граѓани биле дека градењето на ваквата ограда може да доведе до сегрегација на поголем број лица. Согласно членот 12 од новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна и оправдана цел.
КСЗД се обрати до Општина Ѓорче Петров за произнесување по наводите во известувањето, а од општината одговорија дека не станува збор за никаква сегрегација или дискриминација и дека планираната изградба на заштитна ограда е во функција на заштита на животот и здравјето на жителите на населбата Даме Груев.
Претставници на Комисијата одржаа и состанок со претставници на Општината, на кој беше соопштено дека планирано е пренасочување на улицата Антон Кецкаров со цел отворање на простор за тротоар и изградба на парапет ѕид со цел заштита и превенција на сообраќајни несреќи. Од општината информираа дека оградата е предвидена согласно ГУП и ДУП и дека таа не е планирано да биде висока 3 метри, туку со висина на парапет ограда.
Комисијата изврши увид и на улицата Антон Кецкаров при што забележа дека на улицата не се започнати никакви градежни работи, ниту пак има било каква ограда или ѕид, што би можело да се толкува како сегрегација.