KSZD

Потврдена е директната дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас од страна на Владата и Државната изборна комисија

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја поздравува одлуката на Апелациониот суд Скопје, кој во целост ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, со која е утврдено дека, Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата.

Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:

– пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;

– пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;

– пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

Ваквата судска завршница следува откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis), а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се јави како замешувач во судска постапка, односно како пријател на судот (аmicus curiae).

Имено, во април 2021 година, Комисијата за првпат ја искористи својата законска надлежност и побара, Основниот граѓански суд Скопје да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (amicus curiae) во оваа судска постапка за заштита од дискриминација. Комисијата, како професионално тело за еднаквост, даде толкување на членовите од Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост кои се однесуваат на соодветното приспособување, општа пристапност, еднаквост и недискриминација vis a vis пристапот до гласачките места и овозможување, лицата со попреченост да го остварат правото на глас, како дел од учеството во политичкиот и јавниот живот. Дополнително, КСЗД во овој поднесок направи и краток преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во предмети во кои судот утврдил дискриминација врз основ на попреченост, заради необезбедно соодветно приспособување.

Со оваа одлука, судот потврдува дека при спроведување на законот и изборниот процес, Владата и ДИК се должни да овозможат непречен, соодветен пристап до избирачките места за лицата со попреченост, со цел овие лица да го остварат правото на глас на еднаков начин како и останатите; потврдува и дека тужените органи се должни да ги почитуваат соодветните законски одредби поврзани со изборниот процес и ратификуваните конвенции и во рамките на своите надлежности да преземат дејствија за соодветно приспособување и пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите на овие лица.

Судот, уште еднаш го потенцира утврдениот принцип на соодветно приспосбување како посебен облик на дискриминација, дефиниран со Законот за спречување и заштита од дискриминација и оценува дека соодветното приспособување во конректниот случај е неопходно за обезбедување на уживањето или остварувањето на сите човекови права и слободи на лицата со попреченост на еднаква основа со другите, и дека ваквиот начин на соодветно приспособување кој е побаран со тужбата, не предизвикува несразмерно или непотребно оптоварување за тужените.

Leave a Reply

Skip to content