Трето издание: Родово заснована дискриминација на работното место
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го одржа третото издание на годишниот настан „Разговори за еднаквост“, посветено на темата „Родово заснована дискриминација на работното место“, на кое домашни и меѓународни експерти дискутираа за предизвиците, законските решенија и добрите европски практики во областа на родовата еднаквост и заштитата од дискриминација.

Во поздравното обраќање, претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ, истакна дека еднаквоста не може да се мери само преку законите што ги донесуваме, туку и преку тоа дали секој човек има можност достоинствено да работи, да напредува и да биде вреднуван според своите способности, а не според полот.
„Родово заснованата дискриминација не може да се решава само преку судски постапки или преку работата на Комисијата. Потребен е координиран пристап во кој учествуваат институциите, работодавачите, синдикатите, академската заедница и граѓанскиот сектор“, нагласи Томшиќ.
На првиот панел учествуваа Наташа Амдиу, членка на КСЗД, Светлана Цветковска од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Марта Помпили, офицерка за родова еднаквост во ЕКВИНЕТ.

Во дискусијата беше истакнато дека жените и понатаму се соочуваат со различни форми на родово заснована дискриминација на работното место, а како најголеми предизвици беа посочени недоволното пријавување на случаите поради страв од одмазда или губење на работното место, како и тешкотиите во обезбедувањето докази. Панелистките разговараа и за улогата на институциите во креирањето политики за родова еднаквост, потребата од поефикасна примена на законската рамка и европските искуства и практики кои можат да придонесат за понатамошно јакнење на системот за заштита од дискриминација во Северна Македонија.
На вториот панел, на кој учествуваа професорот Александар Ристовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Магдалена Мусилова од Комениус универзитетот во Словачка и Горан Нешевски од КСЗД, фокусот беше ставен на сексуалното вознемирување на работното место.

Панелистите дискутираа за постојната законска рамка, нејзините предности и слабости, како и за најчестите пречки со кои се соочуваат жртвите при пријавување и докажување на сексуално вознемирување. Беа презентирани и резултатите од европските истражувања кои покажуваат дека овој облик на дискриминација останува значително недоволно пријавен, како и досегашните наоди од проектот „VIOLET“, кои укажуваат на потребата од посилни превентивни механизми, поактивна улога на работодавачите и координиран институционален одговор.

Последниот панел беше посветен на еднаквоста во платите. Сандра Констацки, директорка на Омбудсманот за еднаков третман во Австрија, ги презентираше новите европски стандарди утврдени со Директивата (ЕУ) 2023/970 за транспарентност на платите. Таа истакна дека еднаквата плата за еднаква работа или работа со еднаква вредност останува еден од најголемите предизвици за постигнување родова еднаквост и ги претстави искуствата на европските тела за еднаквост во следењето и спроведувањето на овие стандарди.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста на соработката меѓу институциите, работодавачите, академската заедница, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери во создавањето работна средина во која еднаквоста и недискриминацијата претставуваат реалност, а не само законска обврска.
Во изминатите две години Комисијата за спречување и заштита од дискриминација одржа две изданија на Разговорите за еднаквост посветени на темите „Инклузивно образование“ и “Правото на домување на Ромите”.
Настаните се организираат со поддршка од проектот Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ финансиран од Европската унија, имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт – Институт за фундаментални и човекови права (LBI-GMR).



