Комисијата за спречување и заштита од дискриминација изразува сериозна загриженост и ги осудува јавните ставови, особено оние изнесени од јавни личности, со кои се промовира стереотипно сфаќање на улогата на жената во општеството и се релативизира насилството во партнерските и семејните односи.
Нарушените односи во семејството не можат и не смеат да бидат причина или оправдување за насилство. Односите меѓу брачните другари се засноваат врз рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање, а не врз односи на надреденост, контрола или подреденост. Ова јасно произлегува од член 6 од Законот за семејството.
Ваквите пораки поттикнуваат и зацврстуваат родови стереотипи според кои жената е во подредена положба, а мажот има право да одлучува, да ја контролира и да управува со нејзиниот живот. Жената не е личност чија слобода, достоинство и животни избори зависат од дозволата или надзорот на сопругот, партнерот или кое било друго лице. Бракот, ниту повикувањето на традиционалните вредности, не можат да бидат оправдување за контрола, понижување или насилство.
Комисијата, во рамките на својот законски мандат, посветува особено внимание на спречувањето и заштитата од сексизам, мизогинија и родови стереотипи. Овие појави не треба да се третираат исклучиво како индивидуални ставови или лични мислења. Нивното повторување и засилување во јавниот и медиумскиот простор може да придонесе за нормализирање на дискриминаторските практики и одржување на нееднаквите односи на моќ.
Родовите стереотипи се манифестираат преку јазикот, сликите, коментарите, шегите, навредливите квалификации и јавните наративи со кои жената се претставува како помалку вредна, помалку компетентна или општествено неисполнета доколку не се вклопува во традиционално наметнатите улоги на сопруга, мајка или негувателка. Особено загрижува фактот што во дигиталната средина ваквите пораки брзо се шират, повторуваат и засилуваат, допирајќи до широк круг луѓе.
Комисијата нагласува дека родовите стереотипи не се само изолирани предрасуди или индивидуални ставови. Кога се вградени и репродуцирани преку општествените норми, семејните и институционалните практики, медиумите, образованието, пазарот на трудот и јавните политики, тие стануваат структурни двигатели на дискриминацијата. На тој начин се одржуваат нееднаквите односи на моќ и се ограничува остварувањето на фактичката еднаквост на жените. Овој пристап е во согласност со трансформативното разбирање на родовата еднаквост утврдено во Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW) и релевантните општи препораки на Комитетот на CEDAW.
Иако слободата на изразување ја штити и провокативната јавна дебата, таа не е апсолутно право. Кога изразувањето поврзано со полот или родот има за цел или последица повреда на достоинството на лицето и создавање понижувачка, непријателска или навредлива средина, може да се постави прашањето за постоење вознемирување, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата ги повикува јавните личности, носителите на јавни функции, медиумите и сите учесници во јавната комуникација да покажат одговорност и недвосмислено да се спротивстават на сексизмот, мизогинијата и секој обид за оправдување или релативизирање на родово заснованото насилство.
Потребна е суштинска промена на општествените перцепции и напуштање на традиционалните сфаќања за жената како подредена и зависна од туѓа волја. Жената е рамноправна личност со право на слободен избор, личен интегритет, достоинство и целосно учество во сите сфери на општествениот живот.
Еднаквоста не е прашање на нечие одобрување, а достоинството на жената не е предмет на ничија контрола.