KSZD

Трето издание на „Разговори за еднаквост“ посветено на родово заснованата дискриминација на работното место

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на 1 јули 2026 година, во Клубот на пратениците во Скопје ќе го организира третото издание на годишниот настан „Разговори за еднаквост“, посветено на темата „Родово заснована дискриминација на работното место“.

Како национално тело за еднаквост основано согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, КСЗД преку своите годишни извештаи, мислења и општи препораки укажува на појави и практики кои создаваат или одржуваат нееднаквост и дискриминација. Поради комплексноста на одредени случаи и општествени појави, дел од препораките на Комисијата се однесуваат на пошироки системски и структурни предизвици кои бараат координиран пристап и вклученост на повеќе чинители.

Токму овие прашања се во фокусот на „Разговорите за еднаквост“ – платформа за дијалог, размена на искуства и заедничко дефинирање на конкретни насоки и активности за спроведување на препораките во практика.

Во изминатите две години, настанот беше посветен на темите „Инклузивно образование“ и „Правото на домување на Ромите“, отворајќи простор за конструктивна дебата и креирање препораки за надминување на утврдените предизвици. Годинава, фокусот е ставен на родово заснованата дискриминација на работното место како прашање од особено значење за обезбедување еднакви можности, достоинствени услови за работа и заштита на човековите права.

КСЗД има за цел „Разговори за еднаквост“ да прерасне во редовен годишен форум кој ќе придонесува кон развивање конкретни политики и активности за справување со комплексни, системски и структурни облици на дискриминација.

Настанот се организира со поддршка на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт – Институт за фундаментални и човекови права (LBI-GMR).

Leave a Reply

Skip to content