Во рамки на активноста „Отворени средби“ на КСЗД, граѓаните, членовите на граѓанските организации и претставниците на институциите во Гевгелија и нејзината околина, имаа можност за дискусија и подетално запознавање со надлежностите и начинот на постапување на Комисијата.

На отворената средба со граѓаните, членот на КСЗД Лимко Бејзароски истакна дека, од содржината и наводите во поднесените претставки до Комисијата, се гледа сета слабост во општеството и примената на сила и ароганција над правото и правдата во остварување на човековите права и слободи. Тој додаде дека се гледа и неодговорното постапување на голем дел од институциите, со што учествуваат во придонесот за кршење на човековите права, вредност и достоинство на граѓаните, во сите области и по сите основи.

-КСЗД одлучи храбро и бескомпромисно да се справи со секаков облик и форма на дискриминација независно од каде доаѓа. Во таквата борба има отпор, но има и партнерство. Еден од добрите партнери кои се приклучија во борбата за еднаквост и недискриминација заедно со КСЗД, е МВР со нејзиниот министер Оливер Спасовски, кој е единствениот функционер што дојде во просториите на Комисијата и целосно ја даде својата помош и поддршка. Би сакал да ги споделам и добрите искуства со градоначалниците на Битола, Крива Паланка, Струмица, Кавадарци и Штип како пример кој треба да го следат и останатите фактори во државата. Останува уште многу труд и работа, но определбата е јасна и одредена – искоренување на секаков облик и форма на дискриминација“- истакна меѓу другото членот на Комисијата Лимко Бејзароски, во своето обраќање пред присутните во Гевгелија.

За Комисијата, ваквите средби претставуваат можност за детален разговор околу формите на дискриминација, нејзиното препознавање, како и за најважното – начинот на постапување во насока на спречување и заштита од дискриминација.

До крајот на оваа година предвидени се отворени средби во дополнителни шест градови низ земјата. Овие средби се реализираат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.