Денес започнуваат глобалните 16 дена активизам против родово базираното насилство, кои завршуваат на 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.
Годинава, светската тема за одбележување на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз женитее гласи: „ОБЕДИНЕТЕ за да ставиме крај на дигиталното насилство врз сите жени и девојчиња“. Фокусот е насочен кон онлајн просторот – место каде што жените, особено активистките, новинарките, жените во политика и бранителките на човекови права, сè почесто се мета на сериозни и заканувачки форми на дигитално насилство.
Кампањата повикува на заедничка акција: владите ширум светот да обезбедат строги закони и да ја прекинат неказнивоста, технолошките компании да создадат побезбедни платформи и да ја отстрануваат штетната содржина, донаторите да овозможат поддршка за организациите што работат на искоренување на насилството, а секој од нас да го крене својот глас и да им даде поддршка на оние кои претрпеле насилство.
Насилството врз жените и девојчињата и понатаму е едно од најраспространетите кршења на човековите права – глобално, речиси 1 од 3 жени доживеала некаква форма на физичко или сексуално насилство во текот на животот. Секои 10 минути, една жена или девојче губи живот како последица од насилство во семејството. Најпогодени се жените кои се соочуваат и со други облици на дискриминација – по раса, попреченост, родов идентитет или сексуална ориентација.
До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација до сега се поднесени 73 претставки за дискриминација врз жените. Дискриминација врз жените била утврдена по различни основи (освен најчесто присутните пол/род, тука се вбројуваат и случаите на дискриминација врз основа на личен и општествен статус, етничка припадност, политичко уверување, припадност на маргинализирана група, образование, семејна или брачна состојба, социјално потекло, возраст, религија, попреченост итн).
Најчест случај на дискриминација е во областа на работните односи (од кои 10 поради бременост, планирана бременост или мајчинство), потоа следува областа на јавното информирање како вознемирување и поттикнување на вознемирување, од кои 4 случаи на сексуално вознемирување, 2 случаи за здравствената заштита и здравственото осигурување (интерсекциска дискриминација, првиот врз жените-земјоделки, а вториот врз жените-Ромки кои живеат на територија на општина Шуто Оризари), 2 во областа на пристап до услуги (како интерсекциска дискриминација, првиот во пристапот до домување врз жена од Ромска национална припадност, а вториот во пристапот до угостителски објект на жена од муслиманска вероисповед која носи шамија како религиозно обележје) и еден во областа на правосудството и управата (дискриминација на жените-осуденички во установите од казнениот систем на Република Македонија).
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација повикува сите да се придружат на глобалните 16 дена активизам.
Заедно можеме да го подигнеме гласот и да создадеме побезбеден реален и дигитален свет за сите жени и девојчиња.