KSZD

КСЗД утврди продолжено и повеќекратно вознемирување во учебникот по Социологија за трета година

Постапувајќи по поднесена претставка од Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје против авторите и рецензентите на учебникот по Социологија за трета година реформирано гимназиско образование, како и против Министерството за образование и наука, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди продолжено и повеќекратно вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло и припадност на маргинализирана група.

Во учебникот се користат застарени и одамна отфрлени теории за сиромаштијата како начин на живот со кои се дехуманизираат сиромашните. Изразените ставови во учебникот придонесуваат за зацврстување и генерирањето на предрасуди, омраза и дехуманизација на сиромашните, а обесхрабруваат емпатија и разбирање.

Авторите исто така ја изедначуваат проституцијата со криминал, а сексуалните работници, кои се ословени како проститутки во учебникот, се изедначуваат со криминалци. Ваквото претставување на сексуалните работници е вознемирувачко и ги афирмира стереотипите за сексуалните работници како криминалци, неморални и општествено непожелни, што претставува вознемирување врз основа на припадност на маргинализирана група и социјално потекло согласно чл. 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Во учебникот се афирмира машката супремација бидејќи во истиот нема ниту една слика на која е претставена само жена, наспроти 26 слики на кои се претставени мажи и 7 слики на кои се претставени мажи и жени, на кои жените најчесто имаат споредни и помошни улоги. Исто така, во учебникот се споменати 119 мажи (96%) и 5 жени (4%). Со ваквиот избор на исклучиво мажи автори чии теории ќе се пренесат во учебникот се негира учеството и улогата на жените во општествените науки, што претставува вознемирување врз основа на пол и род.

Преку текстовите за самохраните мајки како кориснички на социјална помош. На овој начин се перпетуираат родовите стереотипи и жените се карактеризираат како беспомошни и зависни од мажите. Во учебникот не се говори за самохрани татковци, со што од една страна се негира улогата на мажите во грижата на децата, а од друга страна жените кои сами се грижат за децата се претставуваат како неспособни тоа да го прават без помош од државата, што претставува вознемирување врз основа на пол и род.

Во поглавјето “Пол и род” се врши вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Низ  поглавјето се зборува за биолошките и општествено континуираните разлики помеѓу мажите и жените, но не се спомнуваат интерсекс луѓето, трансродовите или родово небинарните лица. Низ текстот се користи и терминот хермафродити, што е застарен и вознемирувачки термин, кој одамна е заменет со терминот интерсекс луѓе. Потоа, се зборува за “индијанците” кои ја признале и третата родова улога – бердачи, во текстот дефинирани како “мажи кои се облекувале како жени”, што не е точна дефиниција за трансродовост. Исто така транссексуалните луѓе се дефинирани како “ни мажи ни жени”, што е погрешно, бидејќи голем дел од транссексуалните лица се дефинираат како транс мажи или транс жени.

Текстот продолжува со дел за хомосексуалност во кој авторите го сведуваат поимот само на сексуални односи помеѓу две лица од ист пол, што претставува застарена дефиниција на хомосексуалноста. Во текстот исто така се пропагира дека парадите на гордоста предизвикуваат реакции кај одредени кругови и дека се сметаат за непристојни во општеството.

Генералниот впечаток е дека преку учебникот се перпетуира хомофобија и трансфобија, а учениците ќе се стекнат со погрешни информации за ЛГБТИ луѓето. За ЛГБТИ учениците ова се вознемирувачки содржини кои може да предизвикаат повреда на достоинството, непристапност на образование, намалена самопочит и нееднакво услови за успех и развој. Кај останатите ученици овие содржини можат да доведат до стекнување или зацврстување на хомофобични и трансфобични ставови, кои можат да резултираат со врсничко насилство мотивирано од омраза.  Исклучувањето на жените од учебникот, од друга страна, претставува дискриминација врз основа на пол и род. Учебникот како целина врши вознемирување кон ЛГБТИ луѓето, сиромашните, сексуалните работници и самохраните мајки.

Имајќи го предвид наведеното, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација одлучи дека со предметниот учебник е сторено вознемирување согласно чл. 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Со оглед на тоа дека вознемирувањето е сторено по повеќе основи, а учебникот е во употреба повеќе години и од него учат голем број на ученици, Комисијата утврди продолжено и повеќекратно вознемирување, како потежок облик на дискриминација.

Комисијата му препорачува на Министерството за образование и наука најдоцна во рок од 6 месеци да го повлече од употреба учебникот Социологија за трета година реформирано гимназиско образование. На авторите на спорниот учебник Комисијата им препорачува најдоцна во рок од 6 месеци да извршат ревизија на спорните делови од учебникот на начин што ќе ги отстранат содржините со кои се врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло и припадност на маргинализирана група врз сиромашните, сексуалните работници, жените, еднородителските семејства и ЛГБТИ луѓето.

КСЗД, исто така, му препорачува на Министерството за образование и наука во иднина да не одобрува употреба на учебници, чијашто содржина врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло, припадност на маргинализирана група или било која друга дискриминаторска основа од Законот за спречување и заштита од дискриминација и ратификуваните меѓународни договори, авторите во иднина да се воздржат од пишување и изработка на такви учебници, а рецезентите да не одобруваат вакви учебници. Комисијата го следи извршувањето на мислењата и препораките за конкретните случаи на дискриминација, сè до нивното исполнување. Доколку субјектите кон кои е упатена препораката не постапат по истата, Комисијата има законска надлежност да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, согласно член 27, став 4 од Законот  за спречување и заштита од дискриминација.

Leave a Reply

Skip to content