KSZD

Вработена со вродена физичка попреченост дискриминирана од осново училиште во село Обршани, Општина Кривогаштани 

Вработена во ООУ „Јонче Смугрески“ во село Обршани, Општина Кривогаштани била директно дискриминирана врз основа на физичка попреченост во областа на работа и работни односи од страна на нејзиниот работодавач. 

Таа преку полномошник адвокат поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во која се наведува дека таа е вработена како одделенски наставник во училиштето и е лице со вродена физичка попреченост и намалена работна способност од 50 отсто. Согласно природата на попреченоста, подносителката не може да извршува работни задачи поврзани со тежок физички напор, долго одење и седење во принудна положба. 

Таа се обратила до Министерството за образование и наука и ја доставила целокупната потребна медицинска документација со барање да се изврши нејзина прераспределба на ново работно место, согласно нејзината здравствена состојба и за тоа биле известени двете локални самоуправи – Општина Прилеп, каде подносителката живее и Општина Кривогаштани, каде подносителката работи. 

Од страна на училиштето каде што подносителката е вработена до МОН било поднесено барање за согласност за финансирање на ново работно место – архивар со цел изнаоѓање на решение за проблемот на подносителката, а подносителката поднела и барање за преземање до Општина Прилеп и преместување на соодветно работно место согласно нејзината работна способност. 

Од Општина Кривогаштани известија дека откако не добиле одговор од страна на МОН по однос на барањето за финансирање на работно место архивар, тие поднеле и ново барање за финансирање на друго работно место – библиотекар, на кое подносителката на претставката може да биде прераспределена. Но сепак, ни за ова барање не бил добиен одговор од страна на МОН. 

Од наодите во претставката и одговорите од потенцијалните дискриминатори може да се заклучи дека Општина Кривогаштани ги презела сите активности во нивна надлежност за соодветно приспособување и прераспределување на подносителката на работни место соодветно за нејзиното образование, стручна подготовка и работна способност. 

Од друга страна, ООУ „Јонче Смугрески“ од село Обршани не ги презело сите мерки во нивна надлежност за да ѝ овозможи на подносителката прераспределба на работно место кое соодветствува на нејзиното образование и намалена работна способност, со што извршило директна дискриминација врз основа на попреченост во работни односи. 

Имено, согласно чл. 43 од Законот за вработување на вработените во јавниот сектор, вработениот во јавниот сектор, на негово барање или по потреба на институцијата, може да биде трајно распореден на друго работно место на исто ниво, односно на работно место за кое ги исполнува општите и посебните услови пропишани во актот за систематизација, за што раководното лице на институцијата носи решение за негово распоредување во институцијата. Ваквото прераспределување не носи дополнителни финансиски импликации за институцијата во која е вработено лицето. 

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му препорачува на ООУ „Јонче Смугрески“ од село Обршани да изврши прераспределување на  работно место кое соодветствува на нејзиното образование и намалената работна способност, согласно наодот, проценката и мислењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во рок од 30 дена од денот на приемот на ова мислење и препорака и за тоа писмено да ја извести Комисијата. 

Leave a Reply

Skip to content