KSZD

КСЗД ВО ПРВИТЕ ПЕТ МЕСЕЦИ ПОСТАПУВА ПО 90 ПРЕТСТАВКИ

Во првите пет месеци, новата Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапува по 90 претставки. Од нив 78 се преземени од претставките поднесени до поранешната Комисија за заштита од дискриминација, додека останатите 12 се поднесени до Комисијата основана согласно новиот закон.

Комисијата беше основана со донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација на 27 октомври 2020 година. Со овој закон, комисијата има 26 таксативно наброени надлежности. Седиштето на Комисијата е на Даме Груев бр. 1, но и покрај доделените простории, во моментов, КСЗД се соочува со недостиг на технички капацитети за нејзино непречено функционирање. Во просториите недостасува мебел (работни маси, столови, конференциска маса, плакари за складирање на документи и слично), техничка опрема (компјутери, сервер и сл.) и канцелариска опрема.

Комисијата брои шест члена, откако една членка веднаш по изборот поднесе оставка од лични причини, а во тек е јавниот оглас за изборот на седмиот член. Изборот на овој седми член ќе придонесе за непречено работење на Комисијата и зголемување на функционалноста и оперативноста. Освен избраните членови, во Комисијата работат и двајца државни службеници, доделени по овластување од страна на Министерството за труд и социјална политика.

За креирање на одржливи решенија, препораки и заклучоци, КСЗД креираше параметри кои претставуваат основа за понатамошна анализа на предметите. Од вкупниот број на разгледувани предмети, 25,5 отсто се поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто се поднесени од правни лица, додека 6,8 отсто се поднесени од група граѓани. Анализирајќи го и местото на живеење на подносителите, се гледа дека околу 45 отсто живеат во Скопје, додека останатите се од другите градови на земјата.

Анализите за пријавената основа на дискриминација не можат да се спроведат, бидејќи во голем дел од претставките поднесувачите не ја пријавуваат основата додека од содржината на претставката таа не може да се утврди. Комисијата планира да го надмине овој предизвик преку креирање образец што потоа ќе се внесува во базата на податоци што ќе ги обработува сите релевантни параметри за анализа на состојбата со дискриминацијата во земјата.

Комисијата за над 40 отсто од претставките испратила допис за изјаснување до потенцијалниот дискриминатор, околу 22 отсто од претставките биле отфрлени поради ненадлежност, 5,5 отсто биле отфрлени поради неуредност и покрај испратените дописи за дополнително уредување, додека за други претставки се уште се работи на анализа на содржината поради нивната обемност.
Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација отвора можност на барање на странката или по сопствена иницијатива, КСЗД да поднесе барање до судот да дејствува како пријател на судот (amicus curiae). Оваа можност е искористена во март 2021 година, кога Хелсиншкиот комитет за човекови права достави барање до КСЗД за вклучување во судска постапка во случај поврзан со системска дискриминација врз лицата со попреченост во однос на пристапноста до и во избирачките места.

КСЗД во април 2021 го изготви и своето прво стручно мислење по предлогот за воведување на категоријата етничка припадност во личните карти, содржан во предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за лични карти.

Од изгласувањето на составот на КСЗД, вкупно се одржани 17 седници, а на конститутивната седница на 3 февруари 2021 година за претседателка беше избрана членката Весна Бендевска. На истата седница беше донесена и одлуката за регистрирање на Комисијата во Централниот регистар, како нов правен субјект согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација изгласан на 27 октомври 2020 година.

Комисијата во првите месеци од нејзиното работење потпиша меморандуми за соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мрежата за заштита од дискриминација, како и Амбасадата на Велика Британија. Со овие меморандуми ќе се унапреди работата на комисијата и ќе се спроведуваат активности од заеднички интерес.

Првите месеци од работењето на новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација беа одбележани со бирократски препреки, но сепак таа успеа да ги исполни сите свои законски надлежности. Добивањето на постојани канцеларии и со комплетирањето на стручната служба, Комисијата очекува значително зголемување на индикаторите во вториот квартален извештај.

Leave a Reply

Skip to content