KSZD

Да се исполнат препораките од Комисјата за непречено гласање на сите лица. Ќе вршиме мониторинг на вознемирувачки говор! – Прес конференција на КСЗД

Во пресрет на претстојните претседателски и парламентарни избори, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација апелира да се исполнат препораките од донесените мислења со кои се утврдува дискриминација врз различни групи граѓани во процесот на остварување на избирачкото право.

Потсетуваме, Комисијата на 9 август 2021 година, утврди директна дискриминација извршена од страна на ДИК и индиректна дискриминација која произлегува од одредбите на Изборниот законик, врз основа на возраст, во остварување на гласачкото право на лицата кои наполниле 18 години меѓу два изборни круга на претседателските избори во 2019 година. Овие лица заради одредбите од изборниот законик не можеле да бидат запишани во избирачкиот список помеѓу двата изборни круга, а со тоа биле спречени да го остварат уставно загарантираното право на глас. Воедно, Комисијата на 13ти септември 2021 година, утврди индиректна повеќекратна дискриминација по основ на личен статус, возраст, здравствена состојба во областа на остварувањето на избирачкото право кон граѓаните кои за време на изборите се сместени во здравствени установи. Во овие два случаи, Комисијата препорача измени и дополнување на Изборниот законик со цел овозможување на уставно загарантираното право на глас на овие категории граѓани. Иако во изминатиот период Изборниот законик претрпе измени во скратена постапка и постоеше можност за исполнување на препораките од Комисијата, до денес не сме информирани дали се направени и измените препорачани од наша страна.

Дополнително, Kомисијата за спречување и заштита од дискриминација на 3ти декември 2021 година, донесе општа препорака со која и препорача на Државната изборна комисија да ги преземе сите потребни дејствија во насока на обезбедување на пристапност и соодветно приспособување на гласачките места, со што ќе се овозможи еднаков пристап на лицата со попреченост до и во гласачките места ширум земјата. Овие мерки и дејствија треба да обезбедат гласачките процедури, објекти и материјали да се соодветни, пристапни и разбирливи за лицата со попреченост, со цел остварување на правото на учество во јавниот и политичкиот живот на лицата со попреченост на еднаква основа со другите.

Апелираме до Министерството за труд и социјална политика навремено и ажурно да достави податоци до Државната изборна комисија за сите лица кои се сместени во јавни и приватни установи за заштита на стари лица, т.е. домови за стари лица, со цел да можат и овие лица да го остварат избирачкото право. Воедно, потсетуваме дека со процесот на деинституционализација, околу 300 лица живеат во нов облик на заштита, односно живеење со поддршка во станбени единици, а кои со решението за сместување се уште се водат како лица згрижени во установите за социјална заштита на лица со попреченост ( на адресите на Специјален завод Демир Капија, Завод за заштита и рехабилитација на деца и младинци – Скопје, Завод за заштита и рехабилитација „Бања банско“- Струмица). Со цел непречено остварување на избирачкото право на овие лица, на еднаква основа со другите, потребно е ДИК да обезбеди алтернативни гласачки места во местата на моменталните престојувалишта на овие лица по принципот на гласањето на болните и немоќните лица.

Ја користиме оваа прес конференција да ја информираме јавноста дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за време на предизборните кампањи ќе врши засилен мониторинг на вознемирувачкиот говор, како на социјалните мрежи, така и во традиционалните медиуми. За таа цел, ќе биде изработен прилагоден образец за пријавување вознемирувачки говор, кој ќе биде закачен на веб страната на Комисијата. Дополнително, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во соработка со повеќе здруженија на граѓани ќе врши мониторинг и на пристапноста до и во повеќе  гласачки места во државата, за да утврди дали е спроведена општата препорака дадена до ДИК, за што ќе изготви и посебен мониторинг извештај.

За крај, апелираме до политичките партии, претседателските кандидати, носителите и  кандидатите од партиските листи да се воздржат од вознемирувачки говор и говор на омраза во предизборната кампања, со што ќе придонесат изборите да поминат во фер и демократска атмосфера.  

Скопје, 12.3.2024 година

Leave a Reply

Skip to content