KSZD

Презентација на клучните наоди од анализата за пристапноста до високо образование за лицата со попреченост

Анализата ги обработува физичката пристапност, достапноста на литературата во пристапни формати, обезбедување асистивна технологија и севкупна поддршка за студентите со попреченост. Со истакнување на недостатоците во нашиот систем преку сеопфатна дискусија помеѓу присутните и споделување на лични искуства од студенти со попреченост, настанот ја постави основата за потребата од суштински промени, со цел да се обезбеди поинклузивна иднина за студентите со попреченост.

„Во нашиот свет, различноста е факт, но секој човек, без оглед на неговите способности, носи уникатни перспективи, таленти и потенцијал. Наша должност, како поборници на правичноста и еднаквоста, е да обезбедиме, секој поединец да има можност да напредува и да придонесува за нашето општество без да се соочи со дискриминација или бариери. Дискриминацијата на лицата со попреченост не само што ги крши нивните основни права, туку и нè лишува од нивниот непроценлив придонес за нашиот колективен напредок“ – истакна претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Исмаил Камбери во своето обраќање пред присутните, како бранител на правата на поединците кои се соочуваат со дискриминација врз основа на нивната попреченост.

Само 1 од 10 факултети во Република Северна Македонија обезбедува литература во пристапен формат за студентите со попреченост. Воведување на пристапноста како критериум во набавките и стратешкото планирање на факултетите, обезбедувањето асистивна технологија и помагала и обезбедување на стручна литература достапна во пристапни формати се некои од препораките што произлегуваат од анализата. Дополнително, анализата предлага воспоставување сеопфатна дигитална евиденција за статистички податоци за студентите со попреченост за подобро да се одговори на нивните потреби и да се обезбеди инклузивност во рамките на факултетите.

„Би сакал да истакнам дека мерката за напредокот на нашето општество не лежи само во нашите економски достигнувања или технолошки напредок, туку и во тоа, како ги третираме најранливите меѓу нас. Со искоренување на дискриминацијата на лицата со попреченост, ќе станеме посилно, поемпатично и поинклузивно општество за сите. Комисијата како и до сега, со сиот свој капацитет ќе продолжи да работи кон исполнување на овие цели“, истакна на крајот од својот говор претседателот на КСЗД, Камбери и додаде:

– Сакам да ја упатам мојата најдлабока благодарност до сите оние кои неуморно работат на нашата заедничка цел во насока на промовирање на инклузивноста и еднаквоста кон сите граѓани и граѓанки во нашето општество, со особен фокус на лицата со попреченост.

Овој настан е дел од проектот „Практикувај демократија” имплементиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер финансиран од Британската Амбасада во Скопје, а анализата за пристап до високото образование за лицата со попреченост беше изработена од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ во соработка со Народниот правобранител.

Leave a Reply

Skip to content