KSZD

„Соединети во акција за спас и постигнување на целите за одржлив развој за, со и од лицата со попреченост“ – 3 декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост

Секоја година, на светско ниво, на овој ден се промовира свеста на заедницата, разбирањето и прифаќањето на лицата со посебни потреби.

Оваа година, темата на Обединетите Нации за одбележување на овој ден обезбедува сеопфатен фокус на тоа, како општеството може да се стреми кон инклузивност, преку отстранување на физичките, технолошките и останатите бариери за лицата со попреченост и сите да работат заедно за да го направат светот подобар и поправеден за лицата со посебни потреби.

Целите за одржлив развој опфаќаат 17 работи што земјите сакаат да ги направат до 2030 година, за да го направат светот подобро и поправедно место за секого. Важно е лицата со попреченост да бидат дел од оваа работа и да имаат голем збор за тоа што се случува.

Во нашата држава лицата со попреченост честопати не можат да ги остварат ни своите граѓански права, затоа што голем дел од зградите на институциите немаат соодветна пристапност. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација веќе има постапувано во повеќе случаи по поднесени претставки, но и во неколку случаи покренати по службена должност.

Комисијата има утврдено директна продолжена дискриминација врз основа на попреченост во учество во јавен и политички живот од страна на ДИК врз лицата со физичка попреченост, потоа дискриминација извршена од страна на Министерството за здравство кон лицата со попреченост поврзани со вакцинацијата. Комисијата утврди и директна продолжена дискриминација извршена од ЈСП Скопје, со оневозможување на пристапност и соодветно приспособување на автобусите во возниот парк на претпријатието, дискриминација извршена од страна на Општина Карпош кон лицата со физичка попреченост – жители на Општина Карпош.

Случајот кој го сврте виманието на јавноста беше сегрегацијата и исклучувањето на ученичката од Гостивар, со неоправдано и нелегитимно физичко одделување од останатите ученици, во изолација од учениците без попреченост, по основ на нејзините посебни образовни потреби, што резултираше со оневозможување на нејзиното право на пристап до образовниот процес.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна продолжена интерсекциска дискриминација врз основа на попреченост и возраст, сторена од Министерството за образование и наука на РСМ, преку Законот за средно образование кон учениците од средно образование со посебни образовни потреби, што резултира со нееднаков пристап до квалитетно средно образование за сите ученици.

Важно е да се напомене дека постои тенденција за исполнување на препораките, а Комисијата и понатаму ќе делува, давајќи им препораки и насоки на институциите како да ги отстранат пречките за пристапност за лицата со попреченост.

Се проценува дека во Република Македонија, 10% или околу 200.000 жители се лица со инвалидитет. Здравствена и социјална заштита на лицата со посебни потреби треба да има значајно место во секое организирано општество, не само од социјален и хуманитарен аспект, туку и од економски причини. Вклучувањето на лицата со попреченост е суштински услов за почитување на човековите права и одржливиот развој, зошто секој поединец е посебен на свој начин и секој заслужува еднаква шанса и можност за остварување на своите права.

Ги охрабруваме граѓаните, секогаш кога ќе се почувствуваат дискриминирани да пријават дискриминација до Комисијата.

Да се избориме заедно за инклузивност и интеграција на лицата со попреченост во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.

Leave a Reply

Skip to content